Ознака: пчели

  • Нови случаи на Aethina tumida во Италија

    Нови случаи на Aethina tumida во Италија

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот од 16-ти септември до 16-ти октомври оваа година, во Калабрија, Италија, откриени се нови 17 случаи на присуство на возрасни единки на Aethina tumida. Се работи за 17 различни пчеларници чија местоположба е во радиус од 20-тина километри од местото каде што минатата година се појави болеста. Според италијанските ветеринарни служби, ова е зачудувачки факт, бидејќи последните заразени кошници биле забележани пред 9 месеци. Велат дека ова само покажува колку сериозно треба да се пристапува во борбата против овој паразит. Сите случаи на пчелни семејства позитивни на заразата се утврдени при редовните и законски пропишаните визуелни инспекции на кошниците.

    Засега единствениот сигурен начин на елиминирање на паразитот е со палење на кошниците со пчели, метод кој кај италијанските пчелари е проследен со голем револт, особено по нецелосно исплатените лански оштети за изгорените кошници и пчелни семејства.

    spisok it.
    Локации на пчеларниците каде е детектирана Aethina tumida
  • Ефикасен метод за летно третирање против вароа со тимол и шеќер во прав

    Ефикасен метод за летно третирање против вароа со тимол и шеќер во прав

    [dropcap]П[/dropcap]челарите сè почесто ги напуштаат старите начини на третирање на пчелите против вароа при кои се користат најразлични хемиски препарати штетни по здравјето на пчелите, по квалитетот на пчелните производи, дури и опасни по здравјето на човекот, а делумно ефикасни во уништувањето на крлежите. Решението е во препаратите добиени на природна основа, а меѓу нив како еден од поефикасните е и тимолот.

    Летниот третман против вароа со тимол и шеќер во прав се изведува во период кога надворешната температура не надминува 25°С. Третманот може да се изведе на повеќе начини, но за кој од нив да се одлучи пчеларот, подготовката на мешавината од тимол и шеќер е иста. За третирање на една кошница, 6 грама тимол во прав (ако е во кристали се меле) се мешаат со 24 грама шеќер во прав. Еден начин на аплицирање на смесата е нејзино распоредување на хартија или на половина страница од весник поставена на рамконосачите. Кај овој начин третманот се повторува четири пати на секои седум дена. Друг начин е запрашување на пчелите со смесата од шеќер и тимол. Со ситно сито мешавината (30 грама) се истура врз рамконосачите и помеѓу улиците со пчели. Остатокот задржан на рамконосачите, со четката за тресење на пчели нежно се турка низ улиците запоседнати со пчели. На овој начин голем дел од пчелите се запрашени. Ако се применува овој начин, тогаш третманот се прави два пати на секои четиринаесет денови.

    timol i seker

    timol i seker2

    timol i seker3

    Според експертите од Универзитетот Ататурк во Ерзурум, Турција и Универзитетот Аристотел во Солун, Грција, ваквиот начин на комбинирано делување со шеќер во прав и тимол во прав врз крлежите, резултира со 90% морталитет на вароата, ефикасност која денес не може да им се препише на многу препарати наменети токму за борба против крлежите.

  • Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    [dropcap]З[/dropcap]дружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), ги објави резултатите од анкетните прашалници пополнети од пчеларите низ Европа и некои земји од Африка, а чија намена беше да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства во 2014/2015 година. Беа собрани податоци од 31 држава, меѓу кои и од Русија, Украина и Египет кои за прв пат беа дел од оваа анкета. Македонските пчелари веќе неколку години редовно учествуваат во пополнување на прашалниците и во креирањето на појасна слика за угинувањето на пчелните друштва на територијата на Европа и пошироко. Вкупно 23.234 пчелари беа дел од меѓународното испитување и обезбедија податоци за загубите, смртноста и забележаните промени на своите пчеларници во текот на зимата 2014/2015 година. Оваа бројка на пчелари-учесници во анкетата, менаџира со 469.249 кошници со пчели. Од оваа бројка, 67.914 пчелни семејства угинале во текот на зимскиот период, а 3% угинале по завршувањето на зимата од разни причини и проблеми поврзани со матиците. Анализата на резултатите покажува дека зимските загуби во голема мерка можат да варираат во различни држави. Така, во Норвешка загубите се 5%, додека во Австрија се движат до 25%. Најголем процент на смртност забележан е во Белгија и изнесува нешто повеќе од 36%. Просечната стапка на загуби изнесува 17,4%, што е двојно повеќе од минатата година.

    coloss zagubi

    Од околу 3.000 пчелари во Република Македонија, во анкетата оваа година учествуваа 190 пчелари со 13.847 зазимени пчелни семејства, а пријавените 752 угинати пчелни семејства покажуваат дека просечна стапка на пчелни загуби на територијата на нашата држава за зимата 2014/2015 година изнесуваат 5,43, стапка на смртност која заедно со бројката на загуби во Норвешка, Литванија, Израел и Велс ја става Република Македонија во петте земји со најнизок процент на зимски загуби. Секако дека многу различни параметри влегуваат при калкулацијата на загубите, но со оглед на тоа дека навистина имаше многу ниска смртност кај пчелите оваа зима, овие параметри за нашата земја слободно можат да ја отсликаат состојбата со зимските загуби во македонските пчеларници.

  • Месојадна билка сојузник на пчелите во борбата против Азискиот стршлен

    Месојадна билка сојузник на пчелите во борбата против Азискиот стршлен

    [dropcap]А[/dropcap]зискиот стршлен, една од актуелните сериозни закани по пчелите, се повеќе се распространува во регионите во западна Европа. Во битката за спречување на неговото ширење, пчелите и човекот добиваат уште еден сојузник-месојадното растение Сараценија.

    saracenija svareni strsleni
    Сварени Азиски стршлени во стеблото на Сараценија

    Раководителот на ботаничката градина во Нант, Франција, Ромарик Перошо, открил дека Сараценијата ужива да се храни со единки на Азискиот стршлен. Тој вели дека нашол стебло на Сараценија полно со мртви и сварени стршлени. Стршлените, примамени од феромоните и нектарот на Сараценијата, поради специфичната градба на билката навлегуваат подлабоко во нејзиниот цвет со што стануваат лесен залак за растението. Цветот се затвара, а инсектот се потиснува во стеблото каде следува процесот на дигестија. Бидејќи оваа билка потекнува од САД каде го нема Азискиот стршлен, научниците сметаат дека ова е некаква европска адаптација на Сараценијата.

    Една месојадна билка има околу 15 цветови кои можат да привлечат и уловат и над 50 стршлени. Но со оглед на тоа дека во едно гнездо на Азиски стршлени може да има и 4000 единки, ефектот од Сараценијата и не е така голем. Затоа се размислува на распространување на растението во регионите каде се забележува присуството на стршленот, а фактот дека билката не претставува конкуренција и закана по останатата флора го прави овој потфат поедноставен.

    saracenija
    Цветови на Сараценија

    Интересно е тоа што феромоните и секретите на Сараценијата не ги привлекуваат европскиот стршлен, осите, и пчелите, што е причина одредени експерти да се насочат кон испитување на составот на феромоните со цел создавање на стапици и уништување на оваа сериозна закана по пчеларството, а во некои случаи и по човековиот живот.

  • Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    [dropcap]Ш[/dropcap]вајцарските ветеринарни служби масовно ги мобилизираат тамошните пчелари и превземаат сериозни  мерки за рано откривање на присуство на малата кошничка бубачка. Во програмата за активно следење на заразеност со овој штетник, наречена APINELLA, вклучени се 180 швајцарски пчеларници кои секоја втора недела се контролираат за присуство на малата кошничка бубачка. Резултатите од мониторингот и контролите се внесуваат во заедничка база на податоци од каде се достапни за секој пчелар. Ваквиот начин на следење на резултатите од сите региони, овозможува навремено да се превземат соодветни мерки за заштита и методи на делување. Дополнително, секој пчелар кој ќе ја забележи малата кошничка бубачка на својот пчеларник, задолжително мора да ги извести кантонските ветеринарни власти. Тешкото откривање на инфицираноста на пчелните семејства со бубачката, бурниот и инвазивен ток на заразеноста, како и отежнатото справување на италијанските ветеринари и пчелари со инвазијата на малата кошничка бубачка во Италија се причина за ваквата загриженост и зголемените активности на швајцарските ветеринарни служби.

  • Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    [dropcap]Г[/dropcap]радењето на саќе е едно од основните обележја на медоносните пчели и многу битно за развојот на пчелните друштва. Саќето е неопходно за одгледување на потомството и за складирање на храната. Редовното менување на саќето е составен дел од добрата пчеларска пракса. Оваа постапка ги подобрува хигиенските услови во кошницата што е неопходно за здрави пчелни семејства. Старото саќе често може да содржи патогени и да претставува извор на инфекции. Исто така може да содржи и остатоци од хемиските препарати користени во борба против вароата или остатоци на токсични пестициди користени во земјоделството, а внесени од пчелите при процесот на собирање на храна. Замената на старото саќе се врши со нови восочни основи кои би требало да бидат изградени од чист восок. Но често пчеларите се сведоци на неправилно изградени восочни основи, одбивање на пчелите да го градат саќето на основите, делумно или бавно градење на основите, што е причина за забавување на развојот на пчелните семејства, пропуштање на одредени медоносни паши и економски трошоци. Главната причина за овие појави, според пчеларите е лошиот состав на материјалот од кој се изградени восочните основи, а сè со цел одредени производители да остварат поголем профит. Содржината која освен восокот како неопходна суровина за изработка на основите, вклучува и разни растителни восоци, восоци и парафини од нафтената индустрија, стеарин и сл. Од ваквите состојки, парафинот помеѓу пчеларите важи како најнепожелна супстанција во восочните основи. Но колку навистина парафинот содржан во восочните основи влијае врз градењето на саќето и развојот на пчелното семејство?

    За испитување на влијанието на восочните основи збогатени со парафин врз пчелите, Одделот за пчеларство при Институтот за земјоделство во Пулави, Полска, спровел двегодишен експеримент од 2010 до 2011 година. За потребите на експериментот биле изработени сатни основи од чист восок и восок помешан со парафин во однос од 10%, 30% и 50%. Матиците сместени на изолатори од по три рамки на кои на половина од рамките биле поставени контролни основи направени од чист восок, а на другите половини основи со наведениот процент на парафин, биле поставени во 7 експериментални класични Дадант-Блатови сандаци. Во експериментот биле набљудувани неколку параметри: брзина на градење на основите, зафатнина на леглото и развој на леглото и изведување на млади пчели.

    Се покажало дека не постои некоја разлика во однос на динамиката на градење на различните восочни основи. Саќето било градено со приближна динамика, а ќелиите биле правилно градени и со вообичаените димензии.

    графикон
    Динамика на градење на саќето

    Што се однесува до површината на леглото (отворено и затворено легло) и овде не биле забележани големи разлики. Матицата подеднакво ги занесувала сите ќелии од саќето со различен состав.

    графикон2
    Површина на саќе со легло (отворено и затворено)

    Подоцна кога почнало изведување на младите пчели, не се забележани никакви нарушувања на овој процес. Немало никаква смртност, ниту било какви аномалии кај новоизведените пчели.

    графикон3
    Површина на саќе од кое се извеле пчели работнички

    Според некои автори веќе било познато дека пчелите без никаков проблем толерираат и над 40% парафин во восочните основи, а експериментот на Институтот во Пулави само го потврдува тоа. Но од институтот наведуваат дека нивниот научен труд го потврдува нештетното влијание само на чистиот технички парафин (LTP 56/25) кој бил користен за целите на експериментот и дека ги исклучуваат дејствата на останатите парафини со разни хемиски состави и чистота, кои можат да се најдат во промет и чии ефекти врз пчелите се непознати.

  • Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    [dropcap]В[/dropcap]о сабота надлежните служби на Град Скопје ќе извршат авионската дезинсекција против ларви од комарци на подрачјето на главниот град, што ќе биде прво прскање годинава на ниво на главниот град.

    „Првиот наврат на аеросолната дезинсекција (авионска) во 2015 година, на подрачјето на Град Скопје, против ларви од комарци ќе се реализира на 13.06.2015 година (сабота), во период од 7 до 11 часот. Притоа ќе бидат опфатени сите мочуришта, канали и стоечки водени површини во градот Скопје и неговата околина, како и течението на реката Вардар“, соопштуваат од Град Скопје.

    Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на аеросолната дезинсекција, авионската дезинсекцијата ќе се изврши првиот нареден ден,  кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.

    Пчеларите се предупредуваат навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

  • Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    [dropcap]Т[/dropcap]ажна била сликата која ја затекнал еден грчки пчелар откако наредниот ден дошол да ја провери состојбата на претходно доселените пчелни семејства. Ниту едно од дваесетте пчелни семејства не ја преживеале катастрофалната грешка на пчеларот.

    Кога пчелните семејства вечерта биле преселени од околината на градот Агринио на новата локација во местото Елати, пчеларот заборавил да ги отвори летата од кошниците. Погубни биле обидите на пчелите да најдат пат кон надвор и да се ослободат од кошницата бидејќи на тој начин само се зголемувал стресот кај пчелите и се покачувала температурата во сандакот, која ги прегреала и задушила пчелите. Утредента пчеларот сфатил како едно мало невнимание за само 24 часа може да уништи нешто стекнато со голем труд и вложување.

    mpceli1

    За да се избегнат и да не се повторуваат вакви грешки, искусните пчелари препорачуваат проверка на летата после секое селење на сандаците со пчели. Кога еднаш ќе се направи контрола, се поминува и втор пат за да се потврди со сигурност дека сите лета се отворени. Во вакви случаи треба да се занемарат тврдењата на помошниците дека работата околу отварање на летата е завршена се додека пчеларот со сопствени очи не го утврди тоа. Користењето на батериски светилки e препорачливо за проверка на летата при селењето во ноќните часови.

  • Фантастичниот свет на солитарните пчели (Видео)

    Фантастичниот свет на солитарните пчели (Видео)

    [dropcap]Т[/dropcap]имот Кандиру е група на млади луѓе од Глазгов, ентузијасти и вљубеници во природата, кои прават научни филмови поврзани со животинскиот свет и природата воопшто, а подоцна бесплатно им ги даваат на училиштата, научните установи и невладините здруженија со цел да се крене свеста за значењето на најразлични животински видови и да се помогне во нивната заштита и конзервација. Во моментов работат на проект поврзан со животот на солитарните пчели и нивното значење за опрашувањето, екологијата и биодиверзитетот, бидејќи познато е дека голем дел од фамилијата на пчели им припаѓа токму на солитарните пчели. Промоцијата на документарниот филм е најавена за 5-ти јуни, а од Тимот Кандиру велат дека фимот ќе може слободно да се гледа, споделува и без никакви авторски права да се користи за едукативни, научни и останати хумани цели.

    Трејлерот кој беше објавен пред извесно време, несомнено покажува дека станува збор за одлично направен документарец и дека вљубениците во природата, животните, а особено оние во светот на пчелите, со нестрпливост ќе чекаат да го погледнат целиот филм.

    Трејлерот погледнете го во видеото подолу:

    https://vimeo.com/123611196

  • Идеја за чистење на ханемановите решетки

    Идеја за чистење на ханемановите решетки

    [dropcap]Х[/dropcap]анемановата решетка е битен дел при одредени техники на пчеларење со некои типови на сандаци. Најчесто се изработени од метал, но често на пазарот се нудат и матични решетки од пластика и други материјали.

    Од причини познати само на пчелите, многу често на отворите на ханемановите решетки пчелите градат саќе кое доколку зафаќа поголема површина може да предизвика пречки во движењето на пчелите и отежната комуникација помеѓу пчелите во телата поделени со матичната решетка. Токму затоа доколку при преглед на семејствата кај кои се користат ханеманови решетки се забележи дивоизградено саќе, потребно е истото да се отстрани. Чистењето на отворите на матичната решетка најчесто се врши со рачни чешли наменети за таа цел, со кои процесот оди нешто побавно или со рачен бренер со чие користење постои можност дел од восокот да се оштети.

    Интересна идеја за брзо чистење на ханемановите решетки без загуби во восокот е чистење со користење на топловоздушен фен. Ваквите фенови можат да се најдат и по ниски цени, а освен за оваа намена пчеларот може да го користи и за други цели како што се топење на прополис, отстранување на боја од кошниците и сл.

    fen2