На Изборното собрание на ПЗ „Матица“-Скопје одржано на 3-ти март 2015 година во Скопје, беше избран новиот Претседател на здружението. Пчеларите имаа можност да избираат помеѓу двајца претседателски кандидати, предложени од самото членство, односно Александар Михајловски и Јане Марков. Во на моменти напната атмосфера, но на фер и регуларно гласање, со 41 глас наспроти 30 гласови, за Претседател на здружението беше избран Д-р Јане Марков.
Интересно е тоа што и самиот кандидат за претседател и победник, Марков, откако еднаш го одби предлогот да биде ставен на претседателската избирачка листа, по убедување на дотогаш актуелниот претседател, се премисли и вториот пат го прифати предизвикот. На крај, по прогласувањето на победата Марков изјави дека воопшто не очекувал ваков развој на настаните и дека лично е изненаден од позицијата која му ја доделија мнозинството членови на здружението. Еден од првите кои му ја честитаа победата беше неговиот противкандидат Михајловски.
Треба да се напомене дека поради одолговлекување на дневниот ред, од страна на Изборното претседателство на претседателските кандидати им беше скратена можноста да ги претстават своите програми за управување со здружението, со што членството остана покусо за нивните пчеларски биографии, нивните визии и идни проекции за ПЗ „Матица“-Скопје.
Останатиот дел од Изборното собрание беше посветен на изборот на управувачките органи на здружението.