Мал тим на научници од неколку земји, го идентификува најстариот доказ за постоење на крлежите. Работејќи на парче килибар во кој се заробени мравка и крлеж прикачен на нејзината глава, утврдиле дека примерокот е стар повеќе од 50 милиони години.
Парчето килибар било пронајдено на Балтичкиот брег во Русија од еден археолог аматер. Бидејќи и крлежот и мравката се слеани во килибар, тешко е да се одреди дали крлежот паразитирал и се хранел со хемолимфата на мравката или само ја користел за транспорт. Без разлика на тоа, се смета дека ова претставува значаен доказ, кој покажува дека крлежите живееле поврзани со инсектите десетици милиони години наназад. Според научниците, ова е редок и можеби единствен примерок на фосил на крлеж, затоа што крлежите се многу ситни и обично по нивната смрт се изедени од разни инсекти. Се претпоставува дека во овој случај крлежот се прикачил на мравката која се заглавила во смола, па во обидот да се извлече, во смесата од смола го вовлекла и крлежот. Подоцна смолата се исушила, стврднала и целосно ги фосилизирала.
Фосилизираниот крлеж е во сродство со денешните крлежи кои паразитираат кај пчелите, па овој вреден археолошки пронајдок може да послужи за проучување на нивното постоење, нивната еволуција, влијание врз екологијата и биодиверзитетот и др.