Мамци за роеви

За пчеларот одсекогаш било предизвик да се надмудрува со пчелните роеви. Тој се обидува да размислува како пчелите во ројот, да го предвиди секој нивни потег и на крај да излезе како победник. Според многу пчелари, фаќањето роеви е како рибарењето. Без добра локација и без добар мамец, нема успех во ловот. Локациите посетувани од роевите, помалку или повеќе им се познати на пчеларите, но што е со мамците?

Постојат многу комерцијализирани синтетички мамци за роеви, кои според некои пчелари функционираат одлично, а според некои не. Еве неколку рецепти за домашна изработка на мамци за роеви:

Мамец-паста со етерично масло

1/4 шоља со маслиново масло, пола табла восочна основа и 20 капки на етерично масло од лимонова трева (Cymbopogon, го има по аптеки) се ставаат заедно да се растопат. Обично се ставаат во друг сад со вода која врие. Кога состојките ќе се растопат и добро ќе се измешаат, добиената смеса се става во садови од алуминиумска фолија или стаклени теглички. Мамецот има интензивен мирис на лимон, кој ги привлекува пчелите, а се користи во доза од една мала лажичка или се сече на мали коцки. Пастата се става на рамконосачите, на подницата на кошницата или со неа се премачкуваат ѕидовите од кошницата. Поголем ефект ќе има ако се користи кошница со постаро саќе.

Феромонски сок од матици

При замената на истрошените и стари матици со нови, наместо да ги убиете, пуштете ги во тегла и прелијте ги со шпиритус, ацетон, или некој појак алкохол и ставете ги во ладилник. Матиците ќе угинат, а додадениот растворувач ќе ги извлече и ќе ги зачува сите нивни феромони. Не се препорачува гмечење на матиците, затоа што на тој начин може да се изгуби дел од феромоните. Ваквиот феромонски сок ги содржи мандибуларниот феромон на матицата (QMP), одговорен за роењето, феромонот со кој матицата ги привлекува и принудува пчелите од семејството да ја следат (QRP) и тарзалниот феромон, кој им укажува на пчелите за присуство на матицата и има влијание врз роевиот нагон. Ваквиот мамец по потреба се вади од ладилник, со памукче се натопува од него, памукчето се става во мала вакуумска кесичка продупчена на повеќе места. Ваквата кесичка се става во празна кошница или нуклеус на соодветна локација. Феромонскиот сок функционира на принципот на парфем-алкохолот испарува, а мирисот на матицата останува одредено време.

Синтетички феромонски мамец

Составот на комерцијалните мамци за роеви е цитрал, гераниол и геранијска киселина. Измешајте ги овие состојки во однос 1:1:1 и ќе добиете синтетички Насонов феромон. Поради цената на состојките кои влегуваат во составот, овој мамец не претставува голем предизвик за приготвување од страна на пчеларите.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.