Процентот на зимски загуби во Германија далеку над просекот. Пчеларите најавуваат тешка сезона

Загубите на пчелните семејства во текот на зимата во Германија се далеку од очекуваните и просечните бројки. Состојбата со високата смртност е скоро идентична во сите региони низ државата, па од Германската пчеларска асоцијација најавуваат дека треба да се очекува скромен медобер.

Претседателот на Националното здружение на пчелари од Хесен, Манфред Риц, изјави дека нормалната стапка на смртност и угинување на пчелните семејства во Кирхајн и регионот во текот на зимата е 10 до 15 %, но оваа сезона стапката на угинување достигнала дури до 35 %. Причината за ова, според Риц е ланската рана пролет и раното цветање на флората со што се намалија изворите на храна за пчелите во текот на летото, па пчелите фактички гладуваа. Претседателот на пчеларите од Хесен вели дека лошата кондиција во која ваквите временски услови ги доведоа пчелите, им пружи идеална можност на крлежите и вирусите максимално да се развијат, а сето тоа се одрази изминатава зима. Во областа Хесен има околу 8800 пчелари со околу 50000 пчелни семејства. Сега тие се приморани да набавуваат пакетни роеви за обновување на своите пчеларници, но потребно е да бидат внимателни од каде ги набавуваат пчелите поради можноста за внесување на заразни болести и паразити.

Клаус Еисел, претседател на Пчеларското здружение од Нојштад вели дека и во овој регион зимските загуби се движат до 35%. За главен виновник ја смета вароата, а вели дека освен малите количини на мед, целата заедница ќе се соочи и со намалена продукција и квалитет во овоштарниците и градините. Според Еисел, ефектот од зимските загуби ќе може да се види јасно дури на есен.

И во Здружението на пчелари од Бранденбург резултатите покажуваат смртност од 40%. Во нормални сезони смртноста на пчеларниците во Берлин и Бранденбургшкиот регион се движи до 10%, па затоа овогодинешните податоци се загрижувачки и алармантни. И од ова здружение како главни причини ги потенцираат топлото време идеално за развој на вароата, недостатокот на храна во пчелните семејства, но и прекумерното засадување на површини со култури без никакво значење за пчелите како што се пченката, јачменот и разни житарки.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*