Категорија: Колумни

  • Пчелата не знае за граници, но пчеларите меѓусебно си ги поставуваат

    Пчелата не знае за граници, но пчеларите меѓусебно си ги поставуваат

    [dropcap]П[/dropcap]оследната сабота од февруари во Бујановац беше одржана пчеларската манифестација „Пчелата не познава граници“. Настанот беше организиран од пчеларските здруженија „Апикула“ од село Несалце и „Полен 2012“ од Бујановац во соработка со секторот за туризам на општината.

    За настанот прв пат дознав кога неколку дена пред неговото одржување на меилот на веб странава, медно.мк доби куса покана за учество испратена од претседателот на „Полен 2012“, Зарије Митиќ. За жал, освен пораката никаде не можеше да се најде официјална информација за промоција или некаква вест дека се организира ваков настан, се додека ден пред одржување на манифестацијата на веб страната на Сојузот на пчеларски здруженија на Србија не забележав вест со информација дека таков настан навистина ќе има и дека организаторите го промениле местото на одржување на настанот и дека истиот ќе се одржи во спортската сала „Младост“.

    Одлуката беше донесена за кратко време. Кратко беше и патувањето до граница. Минибусот со искусни пчелари членови на кумановското пчеларско здружение кои се симнаа за пасошката контрола на студениот граничен премин, беше убава глетка која ми кажуваше дека сепак нешто големо ќе се случува во пчеларски Бујановац, до кого исто така не требаше многу време да се стигне.

    А Бујановац со какво само право можеше да се нарекува пчеларски. Додуша не само тој ден. Имав прилика пред неколку години кога бев дел од тим кој подготвуваше терен за проект за развој на пчеларството во општина Бујановац под покровителство на јапонската амбасада во Белград, да сретнам исклучителни пчелари од самиот град како и од селата Несалце, Лучане, Лопардинце, Велики Трновац и истовремено да се запознаам со добрите услови за пчеларење и богатата пчелна паша, елементи кои прават на Бујановац и тоа како да му „стои“ овој епитет. Големиот број на минибуси, комбиња и автомобили на превозници, пчеларски компании и пчелари паркирани пред салата покажуваше дека за настанот има сериозна заинтересираност, а регистарските таблички од повеќе градови од неколку држави беа доказ за неговиот меѓународен карактер. За жал, освен два информативни постери во А4 формат залепени на левата и десната страна на влезот на салата, ништо друго не укажуваше на каков тип на манифестација се одржува внатре. Уште еден факт за тоа колку лоша промоција преживеа овој настан. Во салата убава глетка. Штандови на производители на пчеларска опрема, алат, пчеларски репроматеријали, храна за пчели, мед и други пчелни производи, поставени со вкус и така распоредени за да се избегнат турканици. Но некако како турканиците да се нешто неопходно и непишано правило и пчеларска потреба во склоп на одржување на било каква пчеларска манифестација. На нашиве простори барем. Завидна бројка на пчелари заинтересирани за понудата на изложувачите нестрпливо навалила кон производите. Се изнесуваат кутии и цели пакувања со погачи, восочни основи, пластични делови за кошници, рази пчеларски потребштини. Влегов во орото и јас. Со минути чекам да платам за производот додека чекам пчеларот до мене да се испазари со продавачката дали за понудената цена да земе уште два лимени затварачи за лето, додека одзади други колеги довикуваат и прашуваат за она што ги интересира. На штанд за продажба на восочни основи интервенираше и полиција, откако купувачот и продавачот поради целата мешаница не можеа да се договорат дали првиот дал, а вториот зел пари. Од штандот на туристичката организација на Бујановац пред кој беа поставени повеќе новинарски камери се слушаше некаков говор, кој беше проследен со млак аплауз, но за жал во целата бука во салата, малкумина беа тие кои дознаа што воопшто таму се случуваше. Откако испазарував работи што ми се потребни за моето хоби пчеларење, (а нормално за пчелар на пчеларски саем) и работи што засега воопшто не ми ни требаат, завземав позиција на трибините на салата во исчекување на едукативниот дел од настанот. За кусо време откако седнав вистински почувствував колку навистина е студено во салата. Ширум отворените влезни врати на салата, пространата внатрешност, отсутното загревање и периодот од годината си го направија своето. Температурата внатре во скромен плус, соодветна за еден голем минус за организаторот. По кратките подготовки започна и вториот дел од манифестацијата. Воведната церемонија беше најавена на албански јазик, а потоа и на српски, а со поздравен говор настанот го отвори градоначалникот на Бујановац. Свои настапи имаа и претседателите на двете пчеларски здруженија кои го организираа целиот настан. После нивните говори, претседателите започнаа да делат благодарници на лица и субјекти заслужни за организирање на настанот. Во овој дел благодарница му беше доделена и на претседателот на СПЗМ, Менде Трајковски, за промоцијата и придонесот за меѓународниот карактер на настанот. За мене дискутабилно, бидејќи овој настан кај нас немаше ама баш никаква промоција, а освен споменатите кумановски пчелари и уште неколку колеги од Битола, не успеав да препознам други македонски пчелари (подоцна дознав дека претседателот на СПЗМ имал и кусо интервју за РТС). Следуваа поединечни и групни фотографирања, честитања и слични неинтересни активности, кои и одзедоа доста време на публиката и направија да биде досадно, но и доколку имаше некој што сконцентрирано сакаше да ги проследи, поради студенилото и константната бука која доаѓаше од саемскиот дел на салата, беше невозможно да го направи тоа. Првото предавање беше на д-р Родољуб Живадиновиќ. Истото она што може да се најде на You Tube, одржано пред неколку години во Куманово. Иако веќе видено, сепак за мене, а верувам и за останатата публика, доста интересно. За жал и овде студот вмеша прсти, па говорникот мораше малку да ја забрза презентацијата, а со оглед на буката која ја споменав погоре, мораше буквално да се надвикува со толпата, што беше навистина исцрпувачки за него. Пред почетокот на втората презентација решив дека веќе не се издржува во студената сала и најпаметно ќе е да си заминам. Како и повеќемина други пчелари.

    Патот кон дома и брзото и без проблеми минување на граничната бариера меѓу двете држави ме натераа да подразмислам. Навистина точно е и сите знаеме, пчелата не знае за граница. Еве и административните власти постојано ни ги олеснуваат процедурите за минување. Но затоа ние пчеларите сами си ставаме рампи. Овојпат незатоплената сала од колегите организатори од Бујановац и студот беа мојата граница и граница за повеќе колеги да преминеме кон учење на нешто ново. Оние македонски пчелари пак, кои воопшто не беа таму и не беа дознале за случувањето, причината за спуштената рампа да се биде на овој настан нека ја бараат во субјектот кој јавно беше истакнат и награден како носител на улогата на промотор на овој настан во Македонија. До кога ќе стоиме и чекаме пред границата кон нешто, што не мора да е идеално, ниту совршено, ниту перфектно, туку нормално и без импровизации сработено?

    IMG_20180224_111349

    IMG_20180224_105701

    IMG_20180224_105717

    IMG_20180224_105931

    IMG_20180224_105905

    IMG_20180224_112756

    IMG_20180224_113448

    IMG_20180224_114622

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Медот се исплати и да го нема. Но за кого?

    Медот се исплати и да го нема. Но за кого?

    [dropcap]„ Р[/dropcap]асте цената на медот поради лошото време„. „Дождот ги испразни кошниците, се бара поскапување на медот“. „Поскапува медот, лошата сезона го зема данокот“. Вакви наслови се читаа последниве неколку месеци откако заврши сезоната на медобер кај нас. И не дека не е така, и не дека немаат право-што се однесува до лошото време. Но, од каде тоа дека кога медот го нема вреди злато и треба да е скап, а кога го има не е интересен и може да се продава по цена на два дволитарски ни малку здрави газирани сокови.

    Медот е храна, медот е лек, медот е здравје. За едни начин на здрав живот, за други љубов, обврска и семејна егзистенција, а за трети можност за профит. Сите уживаат кога го има, но највеќе оние третите. Но, нив им одговара и да го нема. Е, токму тие ги иницираат и лансираат ваквите изјави. Знаејќи дека на неколку сезони со просечен медобер, следува понекоја скромна, следуваат изјави во стилот на оние горенаведените. Затоа, кога во некоја наредна пчеларска сезона времето ќе биде одлично, ќе нема кој да биде виновникот и во кого да се вперува прстот доколку некој пчелар напише повисока цена на својата тегла или барем ја задржи оваа сегашната. Пчеларите пак ќе го продаваат медот по онаа срамна цена, а профитерите ќе го откупуваат по уште посрамна. А временските услови и понатаму ќе ни ја „диктираат“ цената на медот.

    Се додека не почне да се цени трудот на пчелите, работата на пчеларот, финалните пчелни производи и ангажирањето за тие производи правилно да се презентираат, на купувачот и на скромниот пчелар ќе им се сервираат вести од ваков тип. А се мора и треба да почне од пчеларот.

    Никогаш кај нас не сме прочитале за тоа дека цената на медот е зголемена затоа што костенот во Македонија дава одлично ароматизиран мед, затоа што низ државава се собира неверојатно квалитетен шумски мед, затоа што ливадата кај нас го прави медот уникатен, затоа што уште имаме незагадени поледелство и овоштарство како извори на квалитетен мед, затоа што имаме умешен пчелар итн. Се додека ова стратегија на манипулаторите полека не бива препознавана и отфрлана од пчеларите, доброто и лошото време, а не квалитетните пашни услови, вредната македонска пчела и трудољубивиот пчелар, ќе бидат критериум за одредување на цената на медот кај нас.

    „Освен парите, нема ништо послатко од медот“-рекол Бенџамин Френклин, поранешен државник, научник, философ, писател, изумител, дипломат, графичар и др. Штета. Не бил пчелар.

    Горан Алексовски

  • Камуфлажа, амбалажа и саботажа

    Камуфлажа, амбалажа и саботажа

    [dropcap]Д[/dropcap]еновиве беше одржан јубилејниот 10-ти по ред фестивал „Денови на македонскиот мед“. Отворен со свечена програма и со доста посетители. Изложувачите пчелари, поголем број од нив секоја година присутни на настанот, максимално се обидоа да го понудат се она што пчелите минатава сезона го донесоа. По понудената палета на производи можеше да се види дека и не донеле баш премногу. Јасно беше дека лошите временски услови влијаеа и на пчеларењето. На тезгите доминираше ливадски и шумски мед, матичен млеч, прополис, а кај дел од презентерите можеше да се купи и восок, разни мешавини со мед како и лековити, прехрамбени и козметички производи кои во себе вклучуваат пчелни производи. Во глобала, до некаде стандардна, но интересна и секако многу здрава и вкусна понуда. И тука престанува вкусното, а богами и здравото. И овојпат се покажа дека нема организатор кој ќе ја крене манифестацијата на здрави нозе и ќе и ја врати старата слава. Неунифицирани, импровизирани и самоправски штандови, прекриени и вешто камуфлирани не се слика што се вклопува на улица Македонија. Мора и треба општината да превземе нешто околу ова. Стандардни и еднолични тезги слични на оние на уличните продавачи на книги би биле нешто прекрасно. Поради која причина пчеларите заслужуваат да бидат третирани пониско од продавачите во уличните книжарници? А станува збор само за неколку денови. Отсуството на изложувачи и продавачи на пчеларска опрема е хронична болка на манифестацијата, која оваа година кулминираше. Пчеларска литература скоро и да не видов, а доколку некој посетител би посакал да се регрутира во армијата на пчелари, она што е потребно за почетничко пчеларење и да го барал овде немало да го најде. Изненадија смислата и доброто чувство за аранжирање на своите производи кај дел од изложувачите, па затоа и кај нив имаше и највеќе турканица, посетители и дегустатори. Уште еден пример дека етикетата, пакувањето, аранжирањето, донекаде и амбалажата се  оние кои знаат да привлечат или одбијат добар дел од купувачите без разлика на она што е внатре. Додуша амбалажата кај сите беше онаа истата-старата и добро позната тегла од едно кило, но некои успеале добро и успешно да ја камуфлираат. Можеби е време за иницијатива и акција македонскиот мед да се смести во унифицирана и само за ова поднебје препознатлива амбалажа, нешто што одамна е направено по многу земји во светот, а неодамна го направија и некои наши соседи. Еднокилската монотона тегла нека им остане на мармаладот, џемот, киселите краставички, медните фалсификати,… Кралот на храната заслужува и кралски престол. Но ќе има ли витез кој ќе извојува победа за кралот?

    Оваа година беше тоа што беше. Доколку се сака наредната година да се има манифестација со која ќе се гордеат сите, спакувана во вистинска фестивалска амбалажа и во право светло, мора да престанат сите камуфлажи. Се друго направено спротивно на горенаведеното ќе се смета за саботирање на манифестацијата.

    Горан Алексовски