Blog

  • Осигурување на пчелните семејства

    Осигурување на пчелните семејства

    [dropcap]С[/dropcap]овременото пчеларење се соочува со нови, современи ризици. Наглите климатски промени, промените во биодиверзитетот, појавата на нови болести и штетници во регионите каде што досега природно ги немало, модерните и иновативни медикаментни и превентивни средства, сè поголемата употреба на пестицидите, се само дел од ризиците со кои се соочува модерниот пчелар. А секој пчелар посакува се најдобро за своите пчели, па за да ги заштити пчелните семејства и своето пчеларско производство го користи секој расположив начин. Еден од тие начини кои му стојат на располагање на пчеларот е и осигурувањето.

    Осигурувањето на анималното производство кај македонските фармери, според извештаите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, бележи раст. Според Извештајот за обемот и содржината на работа на Друштвата за осигурување за периодот 01.01-31.12.2013, направени се 216 договори за осигурување на домашни животни, додека само во првите шест месеци од 2014 година склучени се 171 осигурителен договор. За жал, не постои информација колку од овие договори се однесуваат на осигурување на пчеларското производство.

    Една од компаниите која им излегува во пресрет на пчеларите и која нуди осигурување за пчелните семејства е АД Сава Осигурување. Од таму изјавија дека сите пчелари се добредојдени и дека им стојат на располагање за сите потребни информации.

    „Нашата компанија осигурува пчели, односно пчелни семејства, под одредени услови. Пчелите ги вреднуваме 100 евра по едно пчелно семејство. Доколку пчеларот пчелари стационарно, премијата за едно пчелно семејство е 5 евра, а доколку пчелари селидбено, премијата изнесува 7 евра“-за медно.мк изјави Панче Локвенец од Сава Осигурување. Тој додава дека 60% од сумата за осигурување на пчеларникот е покриена од државата, но ова важи за осигурување до 100 пчелни семејства. Локвенец вели дека нивната компанија ги осигурува пчелните семејства од повеќе ризици како што се смрт од болести, група во која освен американскиот гнилеж, вклучени се сите останати пчелни болести, потоа смрт од несреќен случај, каде е опфатено угинувањето од пожар, угушување при транспорт, напад од диви животни и други незгоди.

  • Во Банско одржана бугарско-македонска изложба на мед, пчелни производи и пчеларски инвентар

    Во Банско одржана бугарско-македонска изложба на мед, пчелни производи и пчеларски инвентар

    Од 28/11 до 30/11/2015 година, во Музејскиот комплекс „Никола Јонков Вапцаров“ во Банско, Бугарија, беше одржана бугарско-македонска изложбана мед, пчелни производи и пчеларски инвентар. На изложбата учество земаа повеќе од 30 конвенционални и органски пчелари од двете соседни земји. Во рамки на изложбата имаше и едукативен дел посветен на актуелните случувања во пчеларството, кој беше заокружен со богата дискусија од пчеларите. Изложбата имаше и натпреварувачки карактер, а на победниците им се доделени награди во пчеларска опрема. Дека пчеларите се хумани луѓе покажува и тоа што мед и други пчелни производи се донирани од страна на изложувачите на Заводот за социјални услуги во Банско. На маргините на манифестацијата беше потпишан меморандум помеѓу повеќе здруженија за заедничка соработка во областите на конвенционалното и органското пчеларство.

    (blagoevgrad.eu)

  • Инфицирање со вирусот на деформирани крила и преку поленот

    Инфицирање со вирусот на деформирани крила и преку поленот

    [dropcap]В[/dropcap]ирусот на деформирани крила е еден од најпатогените вируси кај пчелите. Тој има големо учество во загубите на пчелните семејства. Вирусот припаѓа на типот Iflavirus. Прв пат е изолиран во Јапонија во 1982 година, а по неговото откривање неговото присуство е регистрирано низ целиот свет. Познато е дека вирусот се пренесува вертикално и дека може да биде присутен во едно семејство, но да се активира кога ќе се развијат поволни услови за тоа. Предизвикува оштетување на крилцата на пчелите, пореметување во развојот на абдоменот кај пчелите и прерана смрт, што доведува до пропаѓање на пчелното семејство. Појавата на вирусот на деформирани крила е тесно поврзана со заразеноста на семејството со Varroa destructor. Крлежите освен што имаат способност за реплицирање на вирусот во огромни количини, имаат и улога во активирање на вирусната инфекција преку ослабување на имунитетот на пчелното семејството.

    Вирусот на деформирани крила е детектиран во многу пчелни производи како што се пергата, медот, матичниот млеч, што покажува дека постои и хоризонтален пат на пренесување на заразата, односно ифицирање по пат на хранење и трофилакса. Група на научници од Универзитетот во Пиза, Италија, преку својата студија докажа дека внесување на вирусот на деформирани крила во пчелното семејство, освен преку крлежите може да се направи и преку поленот собран од пчелите излетнички и на тој начин вирусот да се внесе во пчелно семејство неинфицирано со вирус и очистено од крлежи. Ваквиот инфективен полен станува контаминирана храна за пчелното семејство. Научниците експериментално докажале дека со хранењето на незаразените јајца и ларви со заразена храна се добиваат инфицирани пчели со телесни деформитети и со слаб телесен развој. Во експериментот е докажано дека заразените пчелите при собирање на полен, истовремено вршат и контаминација на цветот, па така несобраниот полен станува инфективен материјал за другите незаразени пчели и пчелни семејства. Сеуште не е докажан начинот на кој пчелите го контаминираат поленот. Научниците сметаат дека причина за тоа е фецесирањето на пчелите врз цветот во текот на собирањето на полен.

    Според истражувачите, ова е многу значајно откритие за пчеларството. Ширењето на вирусот на деформирани крила преку поленот, може да има значително влијание врз исчезнувањето на пчелните семејства за кои се сметало дека се незаразени со вируси и успешно третирани од крлежи.

  • Доцноесенски работи на пчеларникот (видео)

    Доцноесенски работи на пчеларникот (видео)

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот на зазимување на пчелите, една од најзначајните работи на пчеларникот е третирањето против вароата. Освен добро познатиот и веќе докажан метод на третирање со оксална киселина, некои пчелари користат и други иновативни технологии и препарати.

    Еден до таквите е и Илчо Костадиновски, пчелар од Виница, кој на својот пчеларник наместо оксалната киселина, го користи производот „Hive Clean“на австриската компанија „BeeVital“. Во интервјуто за емисијата Бразди, емитувана на Канал 5 телевизија, Костадиновски вели дека овој органски препарат кај пчелите предизвикува нагон за самочистење, па така пчелите од себе ги отстрануваат и прикачените крлежи, а и сите други нечистотии од своето тело, од саќето, рамките и кошницата.

    Во интервјуто, Костадиновски зборува за обврските на пчеларот во наредниот период, како и за употребата на шеќерно-медните погачи за прихрана на пчелите. Целото интервју погледнете го во видеото подолу.

  • Малата кошничка бубачка (Aethina tumida) сè повеќе се шири во Италија.

    Малата кошничка бубачка (Aethina tumida) сè повеќе се шири во Италија.

    [dropcap]М[/dropcap]алата кошничка бубачка (Aethina tumida), навлегува сè подлабоко на територијата на Италија. Ситуацијата со заразата е сериозно сфатена од сите тамошни надлежни органи и деноноќно се следат сите промени поврзани со овој штетник на пчелните семејства. Овие мерки, кои ги спроведуваат италијанските пчелари и одговорни служби, се од големо значење за целиот регион. Доколку се направи и најмал пропуст и италијанските власти дозволат ширење на бубачката, тоа би било сериозен проблем за европското пчеларство. Поради географската близина и во нашата држава постои сериозна опасност од ширење на заразата.

    Мерките, стратегијата и насоките превземени од италијанските власти за спречување на ширење на заразата, а презентирани од Д-р Франко Мутинели од Националната лабораторија за пчеларство при Универзитетот во Венеција, можете да ги погледнете на официјалната страна на Македонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica).

    Превземено од macbee.org.

  • Петта средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    Петта средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а 04/12/2014 година, ќе се одржи петтата по ред средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје. На средбата, по барање на членовите на здружението ќе се ревидира Статутот на здружението со цел да се утврдат одредените неправилности содржани во Статутот. Ќе се разгледа и постоењето и начинот на функционирање на одредени органи на здружението. По барање на членовите, ќе се разгледаат и неколку понудени верзии за избор на лого на здружението.

  • Уште една стапица за оси

    Уште една стапица за оси

    [dropcap]П[/dropcap]челарите знаат многу техники за сузбивање на осите. Преку поставување на најразлични стапици изградени од пластични шишиња, пластични туби, замки со лепак, отровни мамки и многу други иновативни техники и начини, пчеларите пробуваат да ги превенираат или намалат штетите, кои осите можат да ги предизвикаат на пчеларникот. Овој текст е наменет за уште една таква стапица, која е лесна за изработка, за разлика од стапиците со пластични шишиња, има многу поголем „капацитет“ и може да остане на пчеларникот во текот на целата активна сезона.

    За изработка на оваа стапица за оси, потребни се две празни тела и метална ситна мрежа. Обично се користат стари тела, кои не се користат за сместување на пчелите. Доколку имаат пукнатини и дупки, истите се лепат и затвараат со смеса од лепак и дрвени струготини.

    На горната страна од едното тело се става метална мрежа со ситни отвори. Се прековува со шајчиња, штрафови или метални притискачи. Мрежата се сече на средината и се прави кружен отвор (дијаметар од околу 20-тина cm).

    IMG_0920

    IMG_0921

    Од друго парче мрежа се прави форма на конус или купола. Долниот крај на конусната форма треба да е поширок и да одговара на претходно направениот кружен отвор на прикованата мрежа, а горниот крај треба да завршува со мал отвор. Должината на куполата треба да е нешто помала од висината на едно спратче. Основата, односно широкиот дел на куполата се спојува (шие, хевта) со широкиот отвор на мрежата од првото спратче.

    IMG_0923

    IMG_0939

    IMG_0937

    Мрежа се става и на горната површина на второто тело. Таа останува цела.

    Телото со пришиена мрежа се поставува прво, а врз него доаѓа телото со цело парче мрежа. На мрежата од првото тело, на алуминиумска фолија или во некој сад, се става мамката за осите.

    IMG_0941

    IMG_0944

    Стапицата се поставува поткрената, за да се обезбеди доволно простор за осите и другите штетници слободно да влегуваат во неа.

    Успешен лов.

  • Еликсир за стимулација на матицата

    Еликсир за стимулација на матицата

    [dropcap]П[/dropcap]онекогаш, поради најразлични фактори, планираниот и правилен развој на семејствата не оди како што посакува пчеларот. Периодот на главна пчелна паша се наближува, а пчеларот се соочува со сериозен проблем. Во вакви ситуации се чини дека спасот е во стимулација на матицата и поттик за нејзино интензивно несење. Медно.мк Ви претставува еден стимулативен рецепт-еликсир за матицата, кој ќе помогне во „будењето“ на нејзините јајници.

    leglo

    Во 4 литри вода и два килограми шеќер, се цедат два лимони и смесата се загрева колку да се растопи шеќерот. Кога ќе се олади, во сирупот се додаваат 3 белки од јајца и смесата убаво се меша. 500 милилитри сируп се дава на 4 дена на семејството чија матица се стимулира.

    sirup bel.jaj.

    Голема улога во овој сируп има витаминот C од лимонот, но уште позначајна е белката од јајцето, која прави матицата да несе зачудувачки.

    Во зависност од регионот и состојбата на семејството, тешко е да се каже кога да се престане со ваквото стимулирање, но штом се забележи посакуваниот ефект и семејството почне бурно да се развива, тоа е знак за престанување со давањето на стимулативниот еликсир.

  • Осите-сериозни непријатели на пчелите

    Осите-сериозни непријатели на пчелите

    [dropcap]Н[/dropcap]а секој пчелар му е познато дека осите се големи штетници по пчеларникот и во одредени периоди од годината сериозно треба да се размислува за заштита на пчелите од нападите од оси. Осите, за разлика од пчелите, не произведуваат никаква храна и нивниот опстанок се базира на храната собрана од други инсекти или на храна прибрана при разни активности поврзани со шмукање и уништување на овошни плодови, лов на помали инсекти и многу други начини на грабеж.

    Пчелите ги сметаат осите за непријатели и јаките пчелни семејства успешно се справуваат со осите кои пробуваат да украдат мед од кошницата. Но во сезони на голема наезда од оси или кај послаби пчелни семејства, потребна е интервенција и помош од пчеларот. А успешна заштита може да се направи само ако добро се познава противникот.

    Осите градат живеалишта длабоко под земја, во стари ѕидови и шуплини од дрвја, места кои им пружаат идеална заштита и услови за развој. Саќето го градат едно врз друго, спротивно на пчелите кои градат паралелно. Осилото го градат од изџвакани целулозни влакна.

    osi3

    Едно семејство на оси се состои од исти членови како и едно пчелно семејство. Осите имаат своја матица, трутови и оси работнички, кои морфолошки лесно се идентификуваат. Матицата и трутовите се значително поголеми од осите работнички.

    osi

    Осите слично како и пчелите, внимателно се грижат за своето потомство. При добар извор на храна, поради ваквата внимателна грижа, едно семејство на оси може да се развие во навистина голема заедница и да претставува сериозна закана за средината во која живее и за пчеларниците во непосредната околина. Така, едно силно семејство на оси може да има и повеќе од 10000 единки.

    osi5

    osi4

    Затоа доколку на пчеларникот се појават голем број на оси, не се мали шансите во близина да има поголемо семејство на оси. Разните стапици, кои докажано и успешно функционираат, се само метод за смалување на бројот на осите. Единствениот начин да се спасат пчелите од ваквата наезда е да се пронајде осилото и на некој од добро познатите начини да се уништи.

  • Четврта едукативна средба на ПЗ “Матица”-Скопје

    Четврта едукативна средба на ПЗ “Матица”-Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а ден 25.11.2014 година, во големата сала во објектот на Сојузот на стопански комори на Македонија, со почеток во 17:00 часот, ПЗ “Матица” – Скопје, ќе ја одржи четвртата едукативна средба. Средбата ќе биде искористена за запознавање на членовите на здружението со програма (софтвер) за електронско водење на пчеларникот, односно за водење на електронска евиденција за секое пчелно семејство.