Ознака: кошници

  • Нови случаи на Aethina tumida во Италија

    Нови случаи на Aethina tumida во Италија

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот од 16-ти септември до 16-ти октомври оваа година, во Калабрија, Италија, откриени се нови 17 случаи на присуство на возрасни единки на Aethina tumida. Се работи за 17 различни пчеларници чија местоположба е во радиус од 20-тина километри од местото каде што минатата година се појави болеста. Според италијанските ветеринарни служби, ова е зачудувачки факт, бидејќи последните заразени кошници биле забележани пред 9 месеци. Велат дека ова само покажува колку сериозно треба да се пристапува во борбата против овој паразит. Сите случаи на пчелни семејства позитивни на заразата се утврдени при редовните и законски пропишаните визуелни инспекции на кошниците.

    Засега единствениот сигурен начин на елиминирање на паразитот е со палење на кошниците со пчели, метод кој кај италијанските пчелари е проследен со голем револт, особено по нецелосно исплатените лански оштети за изгорените кошници и пчелни семејства.

    spisok it.
    Локации на пчеларниците каде е детектирана Aethina tumida
  • Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    [dropcap]З[/dropcap]дружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), ги објави резултатите од анкетните прашалници пополнети од пчеларите низ Европа и некои земји од Африка, а чија намена беше да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства во 2014/2015 година. Беа собрани податоци од 31 држава, меѓу кои и од Русија, Украина и Египет кои за прв пат беа дел од оваа анкета. Македонските пчелари веќе неколку години редовно учествуваат во пополнување на прашалниците и во креирањето на појасна слика за угинувањето на пчелните друштва на територијата на Европа и пошироко. Вкупно 23.234 пчелари беа дел од меѓународното испитување и обезбедија податоци за загубите, смртноста и забележаните промени на своите пчеларници во текот на зимата 2014/2015 година. Оваа бројка на пчелари-учесници во анкетата, менаџира со 469.249 кошници со пчели. Од оваа бројка, 67.914 пчелни семејства угинале во текот на зимскиот период, а 3% угинале по завршувањето на зимата од разни причини и проблеми поврзани со матиците. Анализата на резултатите покажува дека зимските загуби во голема мерка можат да варираат во различни држави. Така, во Норвешка загубите се 5%, додека во Австрија се движат до 25%. Најголем процент на смртност забележан е во Белгија и изнесува нешто повеќе од 36%. Просечната стапка на загуби изнесува 17,4%, што е двојно повеќе од минатата година.

    coloss zagubi

    Од околу 3.000 пчелари во Република Македонија, во анкетата оваа година учествуваа 190 пчелари со 13.847 зазимени пчелни семејства, а пријавените 752 угинати пчелни семејства покажуваат дека просечна стапка на пчелни загуби на територијата на нашата држава за зимата 2014/2015 година изнесуваат 5,43, стапка на смртност која заедно со бројката на загуби во Норвешка, Литванија, Израел и Велс ја става Република Македонија во петте земји со најнизок процент на зимски загуби. Секако дека многу различни параметри влегуваат при калкулацијата на загубите, но со оглед на тоа дека навистина имаше многу ниска смртност кај пчелите оваа зима, овие параметри за нашата земја слободно можат да ја отсликаат состојбата со зимските загуби во македонските пчеларници.

  • Селидбено пчеларење, главен услов за успешно пчеларство (Видео)

    Селидбено пчеларење, главен услов за успешно пчеларство (Видео)

    [dropcap]С[/dropcap]елидбеното пчеларење е нешто без кое модерното пчеларење е незамисливо. Со искористувањето на три, четири, па и повеќе паши, тројно расте можноста за зголемување на количините на пчелни производи. Во емисијата ЕУ Фармер, посветена на пчеларството, се разгледуваат повеќе можности за унапредување и модернизирање на пчеларството како и зголемување на приходите од истото. Еден од гостите во емисијата, професионалниот пчелар од Србија, Миле Стоиловиќ, ги објаснува разликите во стационарното и селидбеното пчеларење, ги открива најбитните фактори за да се биде успешен пчелар, како и минималната бројка на кошници за едно пчеларско семејство да функционира нормално. Понатаму во емисијата, проф. д-р Мишо Христовски, меѓу другото ги образложува основните услови за бавење со пчеларство, а професионалниот пчелар од скопско Љубанци, Ацо Спасенцовски кој со голем успех пчелари стационарно и селидбеното пчеларење им го остава на помладите генерации на пчелари, раскажува за своите достигнувања во пчеларењето, односно пчеларењето со четириматични друштва и добивање на матичен млеч во кошница со седум матици истовремено присутни во една кошница.

    Видеото погледнете го подолу.

     

  • Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    [dropcap]Т[/dropcap]ажна била сликата која ја затекнал еден грчки пчелар откако наредниот ден дошол да ја провери состојбата на претходно доселените пчелни семејства. Ниту едно од дваесетте пчелни семејства не ја преживеале катастрофалната грешка на пчеларот.

    Кога пчелните семејства вечерта биле преселени од околината на градот Агринио на новата локација во местото Елати, пчеларот заборавил да ги отвори летата од кошниците. Погубни биле обидите на пчелите да најдат пат кон надвор и да се ослободат од кошницата бидејќи на тој начин само се зголемувал стресот кај пчелите и се покачувала температурата во сандакот, која ги прегреала и задушила пчелите. Утредента пчеларот сфатил како едно мало невнимание за само 24 часа може да уништи нешто стекнато со голем труд и вложување.

    mpceli1

    За да се избегнат и да не се повторуваат вакви грешки, искусните пчелари препорачуваат проверка на летата после секое селење на сандаците со пчели. Кога еднаш ќе се направи контрола, се поминува и втор пат за да се потврди со сигурност дека сите лета се отворени. Во вакви случаи треба да се занемарат тврдењата на помошниците дека работата околу отварање на летата е завршена се додека пчеларот со сопствени очи не го утврди тоа. Користењето на батериски светилки e препорачливо за проверка на летата при селењето во ноќните часови.

  • Нуклеус или пакетен рој?

    Нуклеус или пакетен рој?

    Оние кои сакаат да започнат со пчеларење или пак оние кои веќе пчеларат, но се ограничени преку капацитетите на својот пчеларник да го зголемат бројот на пчелни семејства, најчесто имаат можност да набават пчелни роеви складирани во два облика: пчели спакувани во пакет-пакетен рој или пчели сместени на неколку рамки-нуклеус. Очигледно дека овие две форми на понуда на пчелни семејства нудат одреден ценовен компромис и за продавачот и за купувачот, но исто така овозможуваат вака набавените пчели, при разумни услови успешно да се развијат и барем најмалку да ја дочекаат зимата како комплетно развиено пчелно семејство. Пакетните роеви и нуклеусите имаат одредени свои предности, но и недостатоци.

    Пакетен рој подразбира одредена количина на пчели истресена од една или повеќе продуктивни кошници, спакувани во кутии од картон или дрво во комбинација со ситна мрежа. Тежината на истресени пчели во еден пакетен рој најчесто изнесува 1,2 килограми. Во пакетот со истресени пчели се додава и млада спарена матица сместена во кафез. Во одредени случаи пакетот вклучува и хранилка за течна прихрана на пчелите. Голема предност на пакетните роеви е тоа што можат да се инсталираат во било кој тип на кошница. Позитивно е и тоа што кај пакетните роеви нема никакви хемиски или биолошки агенси кои вообичаено се задржуваат во саќето. Пакетните роеви се нешто поевтини од нуклеусите, но многу ретко можат да се најдат во понудата на нашите пчелари. Треба да се нагласи дека формирањето на пакетните роеви претставува стрес за пчелите кој може различно да влијае на новосоздадениот рој.

    Предности и недостатоци на пакетните роеви:

    [cs_table id=”1″]

    Нуклеусот вклучува 5 рамки од кои 3 се со легло, а 2 се со полен и мед. Предноста кај нуклеусите е тоа што матицата веќе е прифатена, несе јајца и слободно може да се види квалитетот на нејзиното легло. Пчелите во нуклеусот се со различна возраст и си ја знаат својата улога во семејството, што ги става неколку недели во предност пред развојот на пчелите од пакетниот рој. Поради залихите на полен и мед на пчелите во нуклеусот не им е потребна дополнителна прихрана. Нуклеусите со различен тип на рамки се во понудата на секој комерцијален пчелар кај нас. Меѓу малкуте недостатоци кај нуклеусите е можноста за присуство на болести, штетници и остатоци од штетни хемиски агенси во саќето.

    Предности и недостатоци на нуклеусите:

    [cs_table id=”2″]

  • Систем за стимулативно хранење без отварање на кошницата

    Систем за стимулативно хранење без отварање на кошницата

    [dropcap]П[/dropcap]ериодите од годината кога е потребно стимулативно прихранување на пчелите можат да претставуваат вистинско оптеретување за пчеларот. Отварањето, односно отклопувањето на секоја кошница, полнењето на хранилката со мало количество на сируп и повторното враќање на капакот одземаат драгоцено време. Со цел да се намали потрошеното време, но и вознемирувањето на пчелите, пчеларите развиле широка палета на идеи токму за оваа намена. Низ неколку фотографии подолу е прикажана изработката на токму еден ваков ефикасен и пред сè евтин систем за стимулативна прихрана.

    Потребни материјали: црево за инфузија (40-50 cm) или слично црево со мал пречник, парче лим, парче пластично црево или пластична водоводна цевка, кит, навртки, чекан, штрафцигер.

    Со шило, одвртувач или погодна алатка се прави мала дупка од едната страна на капакот:

    sistem 1

    Мало парче лим или парче од држач за гипс картон, се превиткува на средината доволно за низ превитканиот дел да помине цревото:

    sistem 2

    sistem 3

    Парчето лим со штрафови се прицврстува за долниот дел на капакот:

    sistem 4

    Низ пробушениот капак и низ свитканиот лим се спроведува цревото кое на двата краја се фиксира со лимарски кит, силикон, пластелин, пур-пена или слично средство со фиксирачки ефект:

    sistem 5

    Со цел да се спречи влегување на инсекти, ширење на мирисот на сирупот и грабежи, на почетокот, како осигурувач на цревото се прикачува прстен од парче пластична водоводна цевка, црево со сличен пречник или жица:

    sistem 6

    Внесувањето на сирупот до хранилката доста лесно и едноставно се врши со голем шприц:

    sistem 8

    sistem 9

    sistem 10

    sistem 7

    Според оценките на пчеларите, овој систем најдобро функционира и се покажал одличен кај пчеларниците со помал број на кошници.

  • Селидбено пчеларење на пловечки пчеларник

    Селидбено пчеларење на пловечки пчеларник

    [dropcap]С[/dropcap]о 40 кошници сместени на кровот на својот брод, германскиот пчелар Франк Георге постојано пчелари селидбено на езерата во околината на Вердер, Германија. Опуштено седнат на палубата на своето бродче, со кренати нозе и повремено рибарење, 57 годишниот инженер ужива во убавините на езерата очекувајќи пчелите да донесат солидни приходи од пашата во чија близина тој се закотвил. Веќе пет години Франк пчелари на овој начин. Вели дека идејата за изградбата на пчеларскиот брод дошла сосема случајно. „Седнати покрај еден стар товарен брод, со еден мој пријател разговаравме за природата, пчелите и одеднаш ни дојде идејата да изградиме брод во стар англиски стил, кој би имал кујна, дневна и спална соба, а чиј кров би бил претворен во пчеларник. Набргу тоа стана реалност“-вели пчеларот. Бродот е конструиран целосно да одговори на барањата на пчеларството преку многу адаптации и специјални додатоци. Изграден е специјален елеватор за спуштање на тешките медишта и спратови од кровот до подпалубскиот простор каде се наоѓа соба со линија за центрифугирање на медот, како и просторија за негово складирање. Изградена е и мала столарска работилница во која Франк ги поправа старите кошници, работи на рамките и врши разни други обврски околу пчеларскиот инвентар. На бродот е монтиран и соларен систем.

    brod pcelarnik2

    Во потрага по нектар за своите пчели, Франк во пловење поминува повеќе недели. Од почетокот на мај до средината на јули. Постојан придружник на селидбените патувања му е неговата сопруга Керстин. „Сето ова е многу релаксирачки за мене. Истовремено сум и на вода и во преубава природа, уживам покрај пчелите, но најважно од се е што сум покрај мојот сопруг“-вели Керстин.

    brod pcelarnik 3

    Поради природата на пчелите и нивната способност за стационарно ориентирање, селењето на пчелите мора да го прави преку ноќ. Патувањето ноќе, во мрак, иако со брзина од околу 5 километри на час, според Франк е најголемата опасност при овој начин на пчеларење. Наутро пчелите излетуваат и за кусо време се приспособуваат на новата околина. Пчеларот, а истовремено и капетан вели дека токму после ориентирањето, вистинско уживање е да се гледа работењето на пчелите. Работата на Франк се состои од сите оние вообичаени пчеларски операции на било кој друг пчеларник. Единствена битна работа, која ја нема кај пчеларењето на копно е тоа што треба бродот да биде добро закотвен, бидејќи и најмало поместување од еден метар може да предизвика дезориентација на пчелите, залетување на кошниците, па дури и давење на дел од излетничките полни и тешки од скапоцениот товар. Што се однесува до пчелната паша, пчеларскиот брод не треба да поминува некоја огромна километража. Површините со маслодајна репка, багрем, липа, сончоглед и уште неколку медоносни култури иако се распоредени и лоцирани покрај бреговите на повеќе езера во регионот на Вердер, преку одличната поврзаност со канали и развиената пловна мрежа и инфраструктура се лесно достапни за пчелите на капетан Франк.

    brod pcelarnik 4

    Пласманот на медот воопшто не претставува проблем за Франк. Ваквиот начин на пчеларење влијае позитивно за маркетингот на неговите производи. Природниот мед кој го продава под називите „од бродот на пчелите“ и „од островот на медот“ постојано наоѓа свои купувачи во Вердер.

    Целата заслуга за пловечките пчеларници ја имаат старите Египќани кои уште пред илјадници години го развиле и практикувале овој начин на пчеларење покрај бреговите на Нил. Во 40-тите и 50-тите години на минатиот век, Русите повторно го активирале овој начин на пчеларење, а примерот со германскиот пчелар покажува дека и покрај многубројните новитети, модерни иновации и современи техники во пчеларството, понекогаш тајната за успех треба да се побара во старите искуства и практики користени многу години наназад.

    Извор

  • Пчеларите од Малта под закана на Aetina tumida?

    Пчеларите од Малта под закана на Aetina tumida?

    [dropcap]П[/dropcap]челарите од Малта се соочуваат со сериозен проблем во последниве неколку недели. Откако сопственикот на една италијанска компанија која се занимава со одгледување на матици, на еден од островите од малтешкиот архипелаг поставил околу 450 пчелни семејства, пчеларите се видно загрижени поради можната опасност од инвазија на малата кошничка бубачка во малтешките пчеларници.

    Ермано Де Чино, сопственикот на „Мелита Бис Лимитед“, на островот Гозо поставил 455 кошници со пчели кои ќе му служат за производство на матици за извоз. Според сопственикот, климатските услови кои ги нуди Малта се идеални за производство на матици, што е одлично за неговиот бизнис. Тој вели дека неговите кошници не се донесени од Сицилија и јужна Италија, каде постои заразеност со малата кошничка бубачка, туку се донесени од неговите пчеларници во северна Франција. Но пчеларите од Малта не му веруваат на Де Чино и тврдат дека неговите пчели се токму од регионите каде владее заразеноста со бубачката и дека на овој начин тој се обидува да ги спаси своите пчелни семејства. Неговата фирма е основана пред неколку месеци, токму кога на југот во Италија започна да се шири заразата со малата бубачка. Тие сметаат дека шарите и ознаките на донесените кошници се исти како оние кои пред некое време биле забележани на еден од неговите пчеларници во Италија, а камионите со кои кошниците се донесени до југот на Италија, а потоа на еден од малтешките острови, се премногу стари и не би можеле да извозат толкав голем пат од северот на Франција до јужна Италија. Дополнително пчеларите бараат и проверка на патните налози на возилата и товарот, но сопственикот на компанијата не им го дозволува тоа. Велат дека и товарот, односно кошниците, не биле соодветно заштитени како што според прописите би требало да бидат заштитени кошниците превезувани при толку долг пат. Бидејќи Европската Комисија воведе забрана за извоз и движење на пчелни семејства надвор од Италија, пчеларите од Малта сметаат дека ова е сериозен прекршок.

    Претседателот на пчеларскиот сојуз на Малта, Стефан Галеа вели дека доколку само една возрасна единка на малата кошничка бубачка или неколку нејзини ларви бидат внесени на територијата на Малта, тоа за оваа мала островска држава би имало катастрофални последици, не само по пчеларството, туку и по голем дел од растителниот свет, земјоделството и целата економија. Тој смета дека освен опасноста од зараза, донесените пчели од Италија сериозно ќе влијаат и ќе ја нарушат автохтоноста на малтешката автохтона пчела Apis mellifera ruttneri, која со вкрстување на увезените пчели би загубила дел од своите карактеристики кои се од големо значење за локалните пчелари.

    Од граничната полиција на Малта велат дека при контролата на траектот, сите документи биле во ред, но пчеларите велат дека ниедна кошница не била физички проверена. Пчеларите не ја сметаат за веродостојна и изјавата на домашните ветеринарни власти, во која се вели дека сите кошници биле чисти од било какви болести. Најавуваат дека сериозно ќе ја следат ситуацијата, а освен поттикнатата дебата во парламентот на Малта, претседателот на пчеларите, Стефан Галеа, најавува и заминување во Брисел, каде во дирекцијата за земјоделство на ЕУ ќе ја образложи заканата од малата кошничка бубачка и потенцијалната закана за хибридизација на малтешката автохтона пчела, опасности кои во неговата држава освен пчеларите, никој друг не ги смета за сериозни.

    Извор

  • Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    [dropcap]Д[/dropcap]о 11-ти декември 2014 година, поради заразеност со малата кошничка бубачка, на околу 60 пчеларници запалени и уништени се повеќе од 3600 пчелни семејства со што е направена штета процената на околу 1,5 милиони евра. Со овој радикален и непопуларен потег на италијанските власти не се сложуваат италијанските пчелари, кои револтирани сметаат дека само преку заедничка стратегија, а не со палење на пчелните семејства може да се дојде до решение на настанатата ситуација. Според пчеларите, бесплатните стапици за ловење на бубачката, во комбинација со соодветен хемиски третман и деконтаминирање на почвата околу пчеларникот, би резултирало со намалување и елиминирање на заразата. Револтот го зголеми и непостоечката одлука за обесштетување на уништените семејства, па пчеларите беа оставени сами на себе. Дури во последните денови од 2014 година, беше донесена одлука со која на пчеларите ќе им се исплаќа одреден надоместок за уништените семејства, почнувајќи од 80 до 120 евра за уништен нуклеус па нагоре.

    Мерката за палење на семејствата во кои ќе се најде барем една возрасна единка на малата кошничка бубачка ќе се спроведува до пролет, од кога би требало да се настапи со нова стратегија за борба против овој штетник.

  • Едноставна, но функционална пчеларска количка

    Едноставна, но функционална пчеларска количка

    Постојат многу комерцијални алатки и колички за преместување на кошниците во кругот на пчеларникот поради најразлични пчеларски операции. Сите пчелари, особено хобистите, не можат да си дозволат вакви скапи инвестиции. Медно.мк Ви презентира еден едноставен, но функционален тип на пчеларска количка, кој не чини многу и нема да влијае многу на пчеларскиот буџет. Евтините материјали од кои е изработена, многу малата тежина и едноставноста при манипулација се некои од предностите кои ги има оваа количка. Преку преглед на фотографиите одлучете дали овој модел на количка одговара на Вашите барања и дали треба да го имате на пчеларникот.

    KOLICKA7 KOLICKA6 KOLICKA5 KOLICKA4 KOLICKA3 KOLICKA2 KOLICKA1