Категорија: Пчеларник

  • Оценување на квалитетот на матицата

    Оценување на квалитетот на матицата

    [dropcap]М[/dropcap]атицата е најбитниот дел од пчелното семејство. Во зависност од условите, во активна сезона таа може дневно да снесе и над 1500 јајца. Колку повеќе јајца снесува, толку повеќе е јако и продуктивно нејзиното семејство. Матицата обично живее 5, па дури и повеќе години, но несењето значајно се намалува после втората или третата година. Со цел да го сочуваат семејството силно, многу пчелари ја менуваат матицата секоја втора или трета година. Со стареењето, матицата го троши количеството на внесени сперматозоиди при оплодувањето и постои можност да почне со несење на неоплодени јајца од кои подоцна ќе се изведат голем број на трутови. Таквата матица се вика трутовска матица. Но во вакви случаи (стара и истрошена матица, болна матица, трутовска матица, оштетена матица) најчесто пчелите самите интервенираат и почнуваат со постапка за елиминирање на непожелната матица и изведување на нова матица, со што не дозволуваат опстанокот на семејството да биде доведен во опасност. Понекогаш, поради различни причини се случува матицата да потфрли токму во делот од сезоната кога пчеларот најмалку посакува и најмалку се надева на тоа. Меѓу тие причини се наоѓа и лошата проценка на особините на матицата. За да ја намали или елиминира појавата на вакви несакани ситуации, пчеларот мора постојано да ги следи нејзината активност, продуктивност, кондиција, шема на несење, конституција, однесување и други особини.

    Конституциски, една добра, здрава матица се одликува со сјаен граден дел, долг стомак зашилен на крајот, без оштетени екстремитети, крилца или антени. Но нејзиниот надворешен изглед, не е секогаш гаранција и одраз на нејзината репродуктивна способност. Преку следењето на нејзините перформанси, односно способноста за несење и карактеристиките на нејзиното потомство, најдобро се проценува колку една матица е квалитетна.

    Посакувана конституција на една матица
    Посакувана конституција на една матица

    Шемата на несење е битна карактеристика при оценување на квалитетот на матицата. Едноличен, компактен и густ распоред на снесените јајца, ларви или затворено легло низ саќето, се показател за добра и квалитетна матица. Висока оценка се дава на матицата кај која 95% од ќелиите од саќето на рамката содржат легло, а околу 5% од ќелиите се празни. Добра матица исполнува со легло најмалку 6 до 9 рамки од кои најслабо занесената рамка треба да биде исполнета најмалку 2/3 од својот капацитет. Кај рамките во семејства со добра матица, изгледот на леглото распоредено во различни возрасни стадиуми има сферична или овална форма.

    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица
    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица

    Количински малку, а при тоа уште и расфрлано, нееднакво и неправилно разместено легло е знак за неквалитетна матица. Празните ќелии помеѓу леглото или незанесениот простор на саќето, укажуваат на истрошена матица или заболена матица која веќе не несе или пак можеби снесува јајца но поради присуството на одредена болест или некоја друга причина, пчелите ги чистат и исфрлаат од ќелиите. За појавата на шареноликост и отсуство на леглото, можат да бидат виновни повеќе фактори:

    • болест-најчесто американски гнилеж, европски гнилеж или варовно легло, кај кои пчелите ги отстрануваат заболените ларви, при што лесно може да се забележи отсуството на легло и неговата компактност;
    • оплодување во крвно сродство (инбридинг)-кога матицата е оплодена од трутови од сопствената кошница од која и таа самата е изведена, при што можни се нарушувања во процесот на несење на јајца и во квалитетот на снесените јајца;
    • труење со пестициди;
    • недостаток на полен и нектар во семејството;
    • блокираност на матицата кога во периоди на лачење на нектар и полен во големи количини, поради исполнетост на ќелиите со складирана храна, матицата е оневозможена да несе каде што таа сака, туку каде што ќе најде слободно место.
    Саќе занесено од неквалитетна матица
    Саќе занесено од неквалитетна матица

    Стапката на несивост е уште еден битен фактор при оценување на матицата. Тоа е односот помеѓу снесените јајца и отвореното и затвореното легло во саќето. Кога матицата започнува со зголемување на несењето, односот помеѓу снесените јајца и запечатеното и отворено легло изнесува 1,5:1. Ако односот е 1:1,5 тоа е индикација за намалување на несивоста, а ако односот е 1:3 во корист на затвореното и незатвореното легло, тоа е знак за драстично и брзо намалување на несивоста.

    Оценување на квалитетот на матицата преку нејзиното потомство се прави врз основа на одбранбеното однесување на пчелите при манипулација, медопродуктивноста, роевиот нагон, отпорноста на болести и некои други особини.

    Ова е многу значајно за пчеларите почетници, за кои ресурсите и генетиката кои ги нудат малиот број на семејства со кои започнале да пчеларат, се единствениот избор и извор на материјал за производство на матици и проширување на пчеларникот.

  • Осигурување на пчелните семејства

    Осигурување на пчелните семејства

    [dropcap]С[/dropcap]овременото пчеларење се соочува со нови, современи ризици. Наглите климатски промени, промените во биодиверзитетот, појавата на нови болести и штетници во регионите каде што досега природно ги немало, модерните и иновативни медикаментни и превентивни средства, сè поголемата употреба на пестицидите, се само дел од ризиците со кои се соочува модерниот пчелар. А секој пчелар посакува се најдобро за своите пчели, па за да ги заштити пчелните семејства и своето пчеларско производство го користи секој расположив начин. Еден од тие начини кои му стојат на располагање на пчеларот е и осигурувањето.

    Осигурувањето на анималното производство кај македонските фармери, според извештаите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, бележи раст. Според Извештајот за обемот и содржината на работа на Друштвата за осигурување за периодот 01.01-31.12.2013, направени се 216 договори за осигурување на домашни животни, додека само во првите шест месеци од 2014 година склучени се 171 осигурителен договор. За жал, не постои информација колку од овие договори се однесуваат на осигурување на пчеларското производство.

    Една од компаниите која им излегува во пресрет на пчеларите и која нуди осигурување за пчелните семејства е АД Сава Осигурување. Од таму изјавија дека сите пчелари се добредојдени и дека им стојат на располагање за сите потребни информации.

    „Нашата компанија осигурува пчели, односно пчелни семејства, под одредени услови. Пчелите ги вреднуваме 100 евра по едно пчелно семејство. Доколку пчеларот пчелари стационарно, премијата за едно пчелно семејство е 5 евра, а доколку пчелари селидбено, премијата изнесува 7 евра“-за медно.мк изјави Панче Локвенец од Сава Осигурување. Тој додава дека 60% од сумата за осигурување на пчеларникот е покриена од државата, но ова важи за осигурување до 100 пчелни семејства. Локвенец вели дека нивната компанија ги осигурува пчелните семејства од повеќе ризици како што се смрт од болести, група во која освен американскиот гнилеж, вклучени се сите останати пчелни болести, потоа смрт од несреќен случај, каде е опфатено угинувањето од пожар, угушување при транспорт, напад од диви животни и други незгоди.

  • Доцноесенски работи на пчеларникот (видео)

    Доцноесенски работи на пчеларникот (видео)

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот на зазимување на пчелите, една од најзначајните работи на пчеларникот е третирањето против вароата. Освен добро познатиот и веќе докажан метод на третирање со оксална киселина, некои пчелари користат и други иновативни технологии и препарати.

    Еден до таквите е и Илчо Костадиновски, пчелар од Виница, кој на својот пчеларник наместо оксалната киселина, го користи производот „Hive Clean“на австриската компанија „BeeVital“. Во интервјуто за емисијата Бразди, емитувана на Канал 5 телевизија, Костадиновски вели дека овој органски препарат кај пчелите предизвикува нагон за самочистење, па така пчелите од себе ги отстрануваат и прикачените крлежи, а и сите други нечистотии од своето тело, од саќето, рамките и кошницата.

    Во интервјуто, Костадиновски зборува за обврските на пчеларот во наредниот период, како и за употребата на шеќерно-медните погачи за прихрана на пчелите. Целото интервју погледнете го во видеото подолу.

  • Уште една стапица за оси

    Уште една стапица за оси

    [dropcap]П[/dropcap]челарите знаат многу техники за сузбивање на осите. Преку поставување на најразлични стапици изградени од пластични шишиња, пластични туби, замки со лепак, отровни мамки и многу други иновативни техники и начини, пчеларите пробуваат да ги превенираат или намалат штетите, кои осите можат да ги предизвикаат на пчеларникот. Овој текст е наменет за уште една таква стапица, која е лесна за изработка, за разлика од стапиците со пластични шишиња, има многу поголем „капацитет“ и може да остане на пчеларникот во текот на целата активна сезона.

    За изработка на оваа стапица за оси, потребни се две празни тела и метална ситна мрежа. Обично се користат стари тела, кои не се користат за сместување на пчелите. Доколку имаат пукнатини и дупки, истите се лепат и затвараат со смеса од лепак и дрвени струготини.

    На горната страна од едното тело се става метална мрежа со ситни отвори. Се прековува со шајчиња, штрафови или метални притискачи. Мрежата се сече на средината и се прави кружен отвор (дијаметар од околу 20-тина cm).

    IMG_0920

    IMG_0921

    Од друго парче мрежа се прави форма на конус или купола. Долниот крај на конусната форма треба да е поширок и да одговара на претходно направениот кружен отвор на прикованата мрежа, а горниот крај треба да завршува со мал отвор. Должината на куполата треба да е нешто помала од висината на едно спратче. Основата, односно широкиот дел на куполата се спојува (шие, хевта) со широкиот отвор на мрежата од првото спратче.

    IMG_0923

    IMG_0939

    IMG_0937

    Мрежа се става и на горната површина на второто тело. Таа останува цела.

    Телото со пришиена мрежа се поставува прво, а врз него доаѓа телото со цело парче мрежа. На мрежата од првото тело, на алуминиумска фолија или во некој сад, се става мамката за осите.

    IMG_0941

    IMG_0944

    Стапицата се поставува поткрената, за да се обезбеди доволно простор за осите и другите штетници слободно да влегуваат во неа.

    Успешен лов.

  • Еликсир за стимулација на матицата

    Еликсир за стимулација на матицата

    [dropcap]П[/dropcap]онекогаш, поради најразлични фактори, планираниот и правилен развој на семејствата не оди како што посакува пчеларот. Периодот на главна пчелна паша се наближува, а пчеларот се соочува со сериозен проблем. Во вакви ситуации се чини дека спасот е во стимулација на матицата и поттик за нејзино интензивно несење. Медно.мк Ви претставува еден стимулативен рецепт-еликсир за матицата, кој ќе помогне во „будењето“ на нејзините јајници.

    leglo

    Во 4 литри вода и два килограми шеќер, се цедат два лимони и смесата се загрева колку да се растопи шеќерот. Кога ќе се олади, во сирупот се додаваат 3 белки од јајца и смесата убаво се меша. 500 милилитри сируп се дава на 4 дена на семејството чија матица се стимулира.

    sirup bel.jaj.

    Голема улога во овој сируп има витаминот C од лимонот, но уште позначајна е белката од јајцето, која прави матицата да несе зачудувачки.

    Во зависност од регионот и состојбата на семејството, тешко е да се каже кога да се престане со ваквото стимулирање, но штом се забележи посакуваниот ефект и семејството почне бурно да се развива, тоа е знак за престанување со давањето на стимулативниот еликсир.

  • Мамци за роеви

    Мамци за роеви

    [dropcap]З[/dropcap]а пчеларот одсекогаш било предизвик да се надмудрува со пчелните роеви. Тој се обидува да размислува како пчелите во ројот, да го предвиди секој нивни потег и на крај да излезе како победник. Според многу пчелари, фаќањето роеви е како рибарењето. Без добра локација и без добар мамец, нема успех во ловот. Локациите посетувани од роевите, помалку или повеќе им се познати на пчеларите, но што е со мамците?

    Постојат многу комерцијализирани синтетички мамци за роеви, кои според некои пчелари функционираат одлично, а според некои не. Еве неколку рецепти за домашна изработка на мамци за роеви:

    Мамец-паста со етерично масло

    1/4 шоља со маслиново масло, пола табла восочна основа и 20 капки на етерично масло од лимонова трева (Cymbopogon, го има по аптеки) се ставаат заедно да се растопат. Обично се ставаат во друг сад со вода која врие. Кога состојките ќе се растопат и добро ќе се измешаат, добиената смеса се става во садови од алуминиумска фолија или стаклени теглички. Мамецот има интензивен мирис на лимон, кој ги привлекува пчелите, а се користи во доза од една мала лажичка или се сече на мали коцки. Пастата се става на рамконосачите, на подницата на кошницата или со неа се премачкуваат ѕидовите од кошницата. Поголем ефект ќе има ако се користи кошница со постаро саќе.

    Феромонски сок од матици

    При замената на истрошените и стари матици со нови, наместо да ги убиете, пуштете ги во тегла и прелијте ги со шпиритус, ацетон, или некој појак алкохол и ставете ги во ладилник. Матиците ќе угинат, а додадениот растворувач ќе ги извлече и ќе ги зачува сите нивни феромони. Не се препорачува гмечење на матиците, затоа што на тој начин може да се изгуби дел од феромоните. Ваквиот феромонски сок ги содржи мандибуларниот феромон на матицата (QMP), одговорен за роењето, феромонот со кој матицата ги привлекува и принудува пчелите од семејството да ја следат (QRP) и тарзалниот феромон, кој им укажува на пчелите за присуство на матицата и има влијание врз роевиот нагон. Ваквиот мамец по потреба се вади од ладилник, со памукче се натопува од него, памукчето се става во мала вакуумска кесичка продупчена на повеќе места. Ваквата кесичка се става во празна кошница или нуклеус на соодветна локација. Феромонскиот сок функционира на принципот на парфем-алкохолот испарува, а мирисот на матицата останува одредено време.

    Синтетички феромонски мамец

    Составот на комерцијалните мамци за роеви е цитрал, гераниол и геранијска киселина. Измешајте ги овие состојки во однос 1:1:1 и ќе добиете синтетички Насонов феромон. Поради цената на состојките кои влегуваат во составот, овој мамец не претставува голем предизвик за приготвување од страна на пчеларите.

  • Видео: контрола и броење на Вароа

    Видео: контрола и броење на Вароа

    [dropcap]П[/dropcap]остојат повеќе техники и методи за контрола на заразеноста на пчелите со крлеж. Иако сите даваат задоволувачки резултати, некои од нив се скапи и бараат доста искуство, додека други се едноставни за изведување на пчеларникот, не се скапи и не бараат голема стручност и посбни вештини.

    Во видеото подолу, прикажани се два едноставни начини за контрола на заразеност и броење на крлежи.

    *Видеото е преведено на македонски, за активирање на преводот кликнете на CC и одберете било кој од понудените преводи (SR или  RU).

  • Контрола на вароа со шеќер во прав

    Контрола на вароа со шеќер во прав

    [dropcap]С[/dropcap]тепенот на заразеност со вароа кај семејствата во еден пчеларник може да варира во текот на една сезона и помеѓу одделни сезони. Доколку пчеларот знае колкав е бројот на крлежи и колку бргу нивната популација се зголемува, толку полесно ќе одреди каква акција да превземе и како да реагира во одреден случај за да го намали степенот на заразеност.

    Еден од основните методи за мониторинг на заразеност со вароа е тестот со валкање на пчелите во шеќер во прав. Овој метод не е скап, лесно се изведува на терен, не е штетен по пчелите и со него може приближно да се оцени степенот на заразеност со вароа.

    Механизмот на делување на шеќерот во прав се состои во тоа што ситните гранули од шеќер се лепат на стапалките (емподиуми) на крлежот, тој ја губи способноста да се задржи на телото на пчелата и се откачува од нејзиното тело. Постојат и тврдења дека шеќерот ги стимулира пчелите да го чистат своето тело, па така ги истресуваат и крлежите, а според некои шеќерот на ист начин делува и кај крлежите, кои во обидот да се исчистат од ситните шеќерни зрнца се откачуваат од телото на пчелата.

    За изведување на оваа контрола потребно е:

    • една тегла од 500 грама, со пластично или метално капаче на кое има поставено метална мрежа
    • чашка од 100 милилитри (собира приближно 300 пчели)
    • шеќер во прав
    • бела хартија и
    • лажица

    (опционално: бела крпа, бела чинија, кофа со вода, лупа).

    DSCN6798

    DSCN6799За овој метод препорачливо е да се земаат пчели од 3 рамки и тоа од средината на семејството, за да има што повеќе млади пчели. Доколку се изведува во месеци кога има малку легло, доволно е да се земат пчели од една рамка. Се внимава да не се стави и матицата. Чашката со пчели се истура во теглата во која претходно има ставено 2 лажици шеќер во прав и теглата се протресува 1-2 минути. Се внимава при тресењето да не се истура шеќерот и сите пчели да бидат извалкани во него. Се остава теглата 2 минути, а потоа повторно се тресе 1-2 минути. Шеќерот се истресува низ мрежата на капачето, а доколку има крлежи ќе испаднат и тие. За да се избројат полесно паднатите крлежи, обично шеќерот се истура на бела хартија, платно, бел сад или во кофа со вода. Теглата со пчели се истресува се додека од неа испаѓаат шеќер и крлежи. Штом се заврши со истресувањето, пчелите се ослободуваат и неповредени се враќаат назад во кошницата. Се бројат паднатите крлежи и според таа бројка се одредува степенот на заразеност (бројот на паднати крлежи се дели со бројот на тестирани пчели) и се прави план за понатамошни активности.

    varoa seker

    Препорачливо е тестот да се врши два пати годишно. Првиот тест се прави на пролет, за да се утврди состојбата на семејствата пред почеток на активната сезона. Над 3 истресени крлежи во овој период, е индикатор за превземање на одредена акција. На крај од летото се врши вториот тест, во кој ако бидат истресени повеќе од 12 крлежи, се смета дека тоа семејство е сериозно инфицирано и потребен му е одреден анти-вароа третман.

  • Дали е на повидок нов биолошки анти-вароа метод?

    Дали е на повидок нов биолошки анти-вароа метод?

    [dropcap]З[/dropcap]драви пчели без присуство на вароа, е сонот на секој пчелар. Дали откритието на биолозите од Универзитетот во Хохенхајм, Германија, може да го направи овој сон реалност?

    Истражувачите, преку манипулирање со сексуалната активност на крлежот, успеале да дојдат до еколошки и лесен начин за намалување и елиминирање на вароата во кошницата. Преку изолирање на женските сексуални феромони, кои ги испуштаат женските единки на вароа, биолозите успеале да го детерминираат составот на сексуалните феромони и истите да ги произведат по синтетички пат.

    А токму во феромонската активност на крлежите се кријат механизмот на функционирање и ефектот на овој метод. Ако феромонска активна материја се напрска по саќето со легло, таа ќе предизвика иритација врз машките единки, поради што тие губат ориентација во однос на времето за парење, стануваат помалку сексуално активни и им се намалува репродуктивната способност. Овој феромонски сексуален дисбаланс предизвикува женските единки да бидат спарувани и оплодени во погрешно време, кога сеуште не се сексуално зрели. Ваквите единки се помалку витални, не можат да произведуваат женски јајца, па поради тоа не можат со својот репродуктивен циклус да придонесат во зголемување на бројот на популацијата на вароа. При паралелно испитување на семејства каде е аплицирана феромонската материја и семејства без ваков третман, забележано е намалување на сексуалната активност на женските единки за 60%.

    Истражувачите велат дека овој третман е евтин, нештетен по околината и човекот и лесно се спроведува на терен. Методот е во фаза на патентирање, процес по кој би требало да следи негова комерцијализација, кога би ги дознале и условите за аплицирање и дозирање на третманот.

  • Парафинот во восочните основи без последици по пчелите

    Парафинот во восочните основи без последици по пчелите

    [dropcap]Р[/dropcap]етко на пазарот може да се набават восочни основи, кои освен восок немаат други примеси. Најупотребуван „додаток“ при нивна изработка е парафинот. Но колку процентот на парафин во восочните основи влијае врз пчелното семејство?

    Студијата направена на Институтот за пчеларство во Пулави, Полска, покажува дека парафинот нема позначајно влијание врз пчелите. Во истражувањето користени се восочни основи, изработени од восок во кој е додадено 10%, 30% и 50% парафин. Во текот на испитувањето не се забележани никакви негативни последици по пчелните семејства. Основите, без разлика на процентот на парафин, се градени нормално, немало пореметување во стандардите и димензиите на ќелиите и матиците ги занесувале нормално. Развојот на леглото на ваквите основи бил без забележани промени, а квалитетот на истото бил на задоволително ниво. Пчелите работнички излегувале на 21 ден и не е забележана никаква стапка на смртност. Секако, ова не треба да биде охрабрувачки знак за производителите на восочни основи, бидејќи многуте различни видови на парафин по хемиски состав и чистота, не ја исклучуваат можноста за штетно делување на парафинот врз пчелите.