Категорија: Uncategorized

  • Пумпа за вадење на матичен млеч

    Пумпа за вадење на матичен млеч

    [dropcap]П[/dropcap]родажбата на матичен млеч има голем удел во приходите остварени од продажба на пчелни производи за многу пчелари.  Но целиот процес на производство на матичен млеч бара многу посветеност, вештина, знаење и секако, неопходна апаратура. Токму таков апарат е оваа пумпа за собирање на матичен млеч, која значително ќе го олесни и забрза процесот на вадење на матичен млеч, а материјалите од кои е направена пумпата, ќе го сочуваат квалитетот на производот.

    Пумпата е конструирана да работи на 220 V и на 12V, што се регулиира преку прекинувачот наменет за менување на режимот на работа. Сијаличката која служи како индикатор, дополнително помага да се утврди дали пумпата е вклучена во посакуваниот режим. Пумпата има способност да абсорбира до 15 литри во минута. Континуирано може да работи и до 5 часа. Кабелот долг 5 метри, на крајот има приклучок за приклучување на местото на запалката во автомобилот. Поседува и кабел со клеми, наменет за теренско вградување на восочни основи на рамките.

    Садот за собирање на матичниот млеч е комплетно изработен од нерѓосувачки челик, а од инокс се направени и сите приклучоци на пумпата. Цревата се флексибилни и погодни за работа, а изработени се од пластика која се користи за изработка на садови во прехранбената индустрија.

    Цената на оваа пумпа е нешто повеќе од 300 евра, а производителот дава гаранција од две години од денот на купување на пумпата.

  • Започнаа нарачките на матици и нуклеуси во Апицентар

    Започнаа нарачките на матици и нуклеуси во Апицентар

    [dropcap]Р[/dropcap]епродуктивниот и тренинг центар за пчеларство „Апицентар“, од 20-ти ноември 2014 година започна со примање на нарачки за матици и нуклеуси за 2015 година.

    Цената на матиците од подвидот Apis mellifera macedonica е 800 денари. Матиците се обележани со плочка и содветен број со кој се следи педигрето. Матиците се спакувани во кафез за транспорт, поседуваат здравствено уверение, потврда за здравствената состојба и упаство за нејзино додавање и замена на старата матица со новата. 

    Цената на нуклеусот е 2800 денари. Нуклеусите се составени е од 5 рамки (3 рамки легло, 2 рамки мед и полен), 1 кг пчела и селектирана матица од подвидот Apis mellifera macedonica (обележана со плочка и соодветен број со кој се следи педигрето), здравствено уверение, потврда за здравствена состојба и упаство за ослободување. Нуклеусите се спакувани во кутија со содветна вентилација при транспорт.

    Нарачки можат да се извршат на официјалната интернет страна на „Апицентар“, а дистрибуцијата е по договор.

  • Највкусниот мед е од Прилеп, најубавиот штанд од Скопје

    Највкусниот мед е од Прилеп, најубавиот штанд од Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а почетокот на третата едукативна средба на ПЗ „Матица“-Скопје, Организациониот одбор на манифестацијата „Денови на македонскиот мед -2014“ ги прогласи победниците во изборот за највкусен мед и изборот за најубавиот штанд на манифестацијата.

    За највкусен мед за 2014 година беше избран медот на Влатко и Светлана Атанасоски од Прилеп. После органолептичкото испитување на медот и лабораториската анализа, комисијата за оценување на медовите и нивниот вкус, највеќе поени додели на семејството Атанасоски, второто место го освои мед од Штип, а дека прилепчани имаат убав мед покажува и освоеното трето место.

    -Јас верувам дека сите македонски пчелари произведуваат вкусен мед и дека македонскиот мед е со голем квалитет. Сите кои учествуваа на манифестацијата ја заслужуваат оваа награда, но ете ја имав таа среќа нашиот мед да биде избран за највкусен. Ова е мотив за мене и моето семејство да се трудиме да го задржиме и подобриме квалитетот на нашиот мед-рече Влатко Атанасоски, освојувачот на првото место.

    atanasoski

    Влатко Атанасоски, го презентира својот мед на една од пчеларските манифестации во државава

    Првото место за „најпчеларски“ штанд го освои штандот на Пчеларство Митревски од Скопје. При оценувањето во предвид се земени повеќе фактори како: услужливоста на изложувачите, декорацијата на штандот, асортиманот на производите и друго.

    -Најзаслужни за оваа награда се мојата сопруга Марина и моето семејство, кои со многу трпение и вкус го уредија нашиот штанд-рече Марјан Митревски, добитник на наградата за најубав штанд.

    stand mitrevski

    Со право освоено прво место за најубав изложбен штанд-Марјан Митревски

    На двајцата добитници на прво место, ќе им бидат доделени ваучери во вредност од 3000 денари за набавка на пчеларска опрема.

    Во текот на наредната недела ќе бидат посетени и дечињата од неколку градинки во општина Центар, на кои ќе им бидат доделени награди за најдобра песничка, најдобра танцова точка и најдобар цртеж, поврзани со пчелите и медот. Наградата за сите категории ќе биде мед во висина од 2000 денари.

  • 20.11.2014 – Трета едукативна средба организирана од ПЗ”Матица”

    20.11.2014 – Трета едукативна средба организирана од ПЗ”Матица”

    [dropcap]Н[/dropcap]а ден 20.11.2014 година, во големата сала во објектот на Сојузот на стопански комори на Македонија, со почеток во 17:00 часот, ПЗ “Матица” – Скопје, ќе одржи Трета едукативна средба, која ќе биде посветена на начинот на пчеларење на пчелар од Прилеп.
    Во рамките на оваа едукативна средба, на пчеларот чиј начин на пчеларење ќе биде презентиран, ќе му биде доделена награда за највкусен мед од Државната манифестација-Денови на мед-Скопје 2014.

  • Крлежот со паразитски стаж од 50 милиони години

    Крлежот со паразитски стаж од 50 милиони години

    Мал тим на научници од неколку земји, го идентификува најстариот доказ за постоење на крлежите. Работејќи на парче килибар во кој се заробени мравка и крлеж прикачен на нејзината глава, утврдиле дека примерокот е стар повеќе од 50 милиони години.

    fosil

    Парчето килибар било пронајдено на Балтичкиот брег во Русија од еден археолог аматер. Бидејќи и крлежот и мравката се слеани во килибар, тешко е да се одреди дали крлежот паразитирал и се хранел со хемолимфата на мравката или само ја користел за транспорт. Без разлика на тоа, се смета дека ова претставува значаен доказ, кој покажува дека крлежите живееле поврзани со инсектите десетици милиони години наназад. Според научниците, ова е редок и можеби единствен примерок на фосил на крлеж, затоа што крлежите се многу ситни и обично по нивната смрт се изедени од разни инсекти. Се претпоставува дека во овој случај крлежот се прикачил на мравката која се заглавила во смола, па во обидот да се извлече, во смесата од смола го вовлекла и крлежот. Подоцна смолата се исушила, стврднала и целосно ги фосилизирала.

    Фосилизираниот крлеж е во сродство со денешните крлежи кои паразитираат кај пчелите, па овој вреден археолошки пронајдок може да послужи за проучување на нивното постоење, нивната еволуција, влијание врз екологијата и биодиверзитетот и др.

  • Мамци за роеви

    Мамци за роеви

    [dropcap]З[/dropcap]а пчеларот одсекогаш било предизвик да се надмудрува со пчелните роеви. Тој се обидува да размислува како пчелите во ројот, да го предвиди секој нивни потег и на крај да излезе како победник. Според многу пчелари, фаќањето роеви е како рибарењето. Без добра локација и без добар мамец, нема успех во ловот. Локациите посетувани од роевите, помалку или повеќе им се познати на пчеларите, но што е со мамците?

    Постојат многу комерцијализирани синтетички мамци за роеви, кои според некои пчелари функционираат одлично, а според некои не. Еве неколку рецепти за домашна изработка на мамци за роеви:

    Мамец-паста со етерично масло

    1/4 шоља со маслиново масло, пола табла восочна основа и 20 капки на етерично масло од лимонова трева (Cymbopogon, го има по аптеки) се ставаат заедно да се растопат. Обично се ставаат во друг сад со вода која врие. Кога состојките ќе се растопат и добро ќе се измешаат, добиената смеса се става во садови од алуминиумска фолија или стаклени теглички. Мамецот има интензивен мирис на лимон, кој ги привлекува пчелите, а се користи во доза од една мала лажичка или се сече на мали коцки. Пастата се става на рамконосачите, на подницата на кошницата или со неа се премачкуваат ѕидовите од кошницата. Поголем ефект ќе има ако се користи кошница со постаро саќе.

    Феромонски сок од матици

    При замената на истрошените и стари матици со нови, наместо да ги убиете, пуштете ги во тегла и прелијте ги со шпиритус, ацетон, или некој појак алкохол и ставете ги во ладилник. Матиците ќе угинат, а додадениот растворувач ќе ги извлече и ќе ги зачува сите нивни феромони. Не се препорачува гмечење на матиците, затоа што на тој начин може да се изгуби дел од феромоните. Ваквиот феромонски сок ги содржи мандибуларниот феромон на матицата (QMP), одговорен за роењето, феромонот со кој матицата ги привлекува и принудува пчелите од семејството да ја следат (QRP) и тарзалниот феромон, кој им укажува на пчелите за присуство на матицата и има влијание врз роевиот нагон. Ваквиот мамец по потреба се вади од ладилник, со памукче се натопува од него, памукчето се става во мала вакуумска кесичка продупчена на повеќе места. Ваквата кесичка се става во празна кошница или нуклеус на соодветна локација. Феромонскиот сок функционира на принципот на парфем-алкохолот испарува, а мирисот на матицата останува одредено време.

    Синтетички феромонски мамец

    Составот на комерцијалните мамци за роеви е цитрал, гераниол и геранијска киселина. Измешајте ги овие состојки во однос 1:1:1 и ќе добиете синтетички Насонов феромон. Поради цената на состојките кои влегуваат во составот, овој мамец не претставува голем предизвик за приготвување од страна на пчеларите.

  • „И ние пчели за трка имаме“

    „И ние пчели за трка имаме“

    [dropcap]Н[/dropcap]ашата држава е една од малкуте земји во светот, кои можат да се пофалат со целосна територијална покриеност од локален и автохтон подвид на пчели. Македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), освен на целата површина на Македонија, ја има и во северна Грција, делови од Бугарија, дел од Србија, Украина и Романија. Детерминирана е од Фридрих Рутнер, кој во 1988 година ја определил територијалната распространетост на овој подвид и покажал дека A.m.macedonica јасно се разликува од грчката (A.m.cecropia), крањската (A.m.carnica) и останатите европски подвидови на медоносни пчели. Во тоа време бугарските и романските пчеларски научници не можеле да се помират и да ја прифатат оваа одлука на Рутнер, сметајќи дека тие имаат свој подвид на пчели. Така Бугарите македонската пчела ја именувале A.m.rodopica, а Романците A.m.carpatica. Денес, називот A.m.macedonica е прифатен и за нивните автохтони пчели, па овие принудни називи скоро и да не се користат.

    Уште пред повеќе од 2000 години, Аристотел забележал дека посветлата пчела (македоника) е поблагородна, повитална и помирна од потемната локална пчела (секропија). Многу години подоцна во Р. Македонија, експериментот на групата COLOSS го потврдил тврдењето на Аристотел. Докажано е дека оваа пчела има слаба до умерена одбранбена способност и дека при работа со неа понекогаш е потребна пчеларска капа. Се смета дека мирниот темперамент е поради блиската роднинска врска на македонската и крањската пчела.

    Морфолошки, невозможно е да се забележи разлика помеѓу крањската и македонската пчела. Единствено, понекогаш жолтата пегавост на стомачните прстенчиња може да посочува на разлика помеѓу подвидовите, но тоа не може да се смета како релевантен споредбен фактор. Нема некоја поголема разлика во бојата кај пчелите работнички, трутовите и матиците, па понекогаш претставува проблем да се најде матицата доколку таа не е обележана. Телото на македонската пчела е прекриено со кратки и задебелени влакненца. Крилцата се куси, нозете се долги, трупот е тенок и релативно долг, со просечна должина од 6,5 mm. Има добро развиено јазиче, пчелите се добри летачи и можат да летаат по храна на поголема оддалеченост, поради што се сметаат за вредни и добри работници. Трутовите се нешто помали од оние кај крањската пчела.

    Имаат тенденција кон роење, при што ја искористуваат првата прилика пружена од пчеларот, за да се изројат. Во фазата на роидбен нагон, градат неверојатно многу матичници. Се смета дека причината за изразениот роидбен нагон е тоа што со векови наназад се одгледувале во просторно ограничените традиционални плетени трмки или кошари. Македонската пчела собира големи количини на прополис, што ја прави одлична за пчеларите насочени кон производство на овој пчелин производ, но изразеноста на оваа особина понекогаш ја отежнува работата во кошницата поради прополизираните и споени рамки и делови од кошницата. Со медобер почнува уште во рана пролет и произведува специфичен мед за овој подвид, со посебен и уникатен квалитет. Просечната медопродукција засега изнесува 17 кг. Ретко покажува афинитет кон грабеж. Македонската пчела е доста економична. Во текот на презимувањето, според мерењата на Доц. Д-р Узунов, троши околу 8 кг храна, односно околу 50 грама мед дневно. Лесно презимува и почнува со развој многу рано. Леглото е доста компактно. Отпорна е на болести на леглото, а испитувањата правени во Англија, Германија и Австрија во региони со висока заразеност на ноземоза, покажале дека македонската пчела добро презимува и покажува изразена отпорност кон ноземата.

    Моментно, во државава постојат неколку здруженија и институции кои работат на испитување, конзервирање и подобрување на македонската пчела. Истите со гордост ја промовираат и прават обиди за нејзина популаризација низ светот, затоа што да се има ваков автохтон генетски потенцијал, воопшто не е мала и незначајна работа.

  • ПВЦ кошница-маркетинг или футуристички чекор

    ПВЦ кошница-маркетинг или футуристички чекор

    [dropcap]С[/dropcap]екоја иновативност во било која област, а особено во пчеларството се прифаќа со голема внимателност. Таков е и примерот со оваа пластична кошница, прво поради иновативниот и невообичаен дизајн, а потоа и поради материјалот од кој таа е направена. Но, пчеларите кои го искусиле пчеларењето со оваа кошница велат дека за кусо време оваа кошница ја стекнала нивната доверба и дека пчеларењето со неа е вистинско уживање.

    Пластичната кошница е производ на грчката фирма Анел. Се работи за кошница целосно изработена од пластика. Дури и рамките и сатните основи се пластични. Пчеларите велат дека оваа кошница е долготрајна, а не се потребни никакви бои и лакови за импрегнација и надворешна заштита. Кошницата се продава во 5 различни бои.

    Капакот на кошницата овозможува добра заштита, а специјалниот дизајн прави  дождовницата да паѓа подалеку од кошницата, што овозможува таа постојано да биде сува. Отворот за сипување на сируп сместен на капакот е одлична идеја за полнење на пластичната хранилка со сируп, без при тоа да се отклопуваат пчелите. Чепот со мрежаст отвор на капакот придонесува за подобра вентилација во кошницата.

    Отвор со функција на лето и вентилација има странично на секој спрат од кошницата. Спратовите идеално налегнуваат еден врз друг и се доста лесни за кревање и манипулација. За тоа придонесуваат и вградените пластични рачки.

    Подницата е со пластична мрежа и овозможува идеална вентилација. На подницата се регулаторите на летото, разни чешли и многу додатоци, кои со својата функционалност ја зголемуваат позитивната оценка на оваа кошница. Истото важи и за преградните даски, матичните решетки, мрежите за собирање на прополис и др. Како дополнителна опрема кон оваа кошница доаѓа и специјално дизајнираното стојалиште кое спречува наезда од мравки и други инсекти во кошницата.

    Грчките пчелари велат дека засега пчелите во оваа кошница многу добро се развиваат. Тие се задоволни од нејзините перформанси, но велат дека за да размислат за нејзино комплетно воведување на пчеларниците, ќе треба да почекаат неколку сезони, за да го видат и „мислењето на пчелите“.

  • Топло чоколадо со мед

    Топло чоколадо со мед

    [dropcap]В[/dropcap]истинско уживање во студените денови кои претстојат.

    Потребни состојки:

    • една и половина шоља млеко
    • 2 големи лажици какао
    • 2 големи лажици мед
    • по избор: ванилин шеќер, ванилин екстракт, цимет, мелени лешници, шлаг, чоколадни трошки, карамел, путер и др.

    Млекото се става во сад и се загрева да биде врело (или се вари ако не е сварено). Во друг сад се ставаат медот, какаото и ванилиниот шеќер или екстракт и се загреваат на тивок оган за да се спојат во едноличен крем. Медниот какао крем се додава во садот со топлото млеко и целата смеса добро се меша. По избор, во топлата чоколада се додава и малку путер. Топлиот пијалок се пресипува во шољи и се декорира според сопствен вкус. Може да се стави шлаг, наросен со мелени лешници, посипан со малку мед или карамела, чоколадни трошки, цимет и др.

  • Микрочипови за спас на пчелите

    Микрочипови за спас на пчелите

    [dropcap]С[/dropcap]о цел да се пронајдат многу одговори за угинувањето на пчелите, Технолошкиот Универзитет Вале де Белем од Бразил, на почетокот од годинава, разви многу мали микрочипови (со димензии 2,5*2,5 милиметри  и тежина од 5,4 милиграми). Идејата е овие чипови да се прикачат на грбот на пчелите, со цел да се анализира нивното однесување под влијание на пестициди и промена на климатските услови. Дел од експериментот е во Бразил, а дел во Австралија.

    Во Австралија, на Тасманискиот остров, ќе се изведува компаративно испитување на 10000 пчели, за да се открие како тие реагираат на константна изложеност на пестициди. Ќе се користат африканизирани пчели, така што две кошници ќе бидат сместени во амбиент со постојано контаминиран полен, а две кошници ќе бидат ставени во чиста, незагадена околина. Секоја промена и одстапка забележана кај пчелите кои се под влијание на пестицидите, ќе се смета како можен причинител за угинувањето и исчезнувањето на пчелите и ќе биде предмет на понатамошни анализи и испитувања. Крајот на експериментот е предвиден во април 2015, а резултатите се очекуваат во втората половина од годината.

    чипови-пчели

    Вториод дел од експериментот е во Бразил, во местото Белем, на Амазон и веќе е започнат. 400 пчели, на кои се поставени чипови, 3 месеци ќе бидат под постојан мониторинг, а предмет на испитување ќе бидат сите промени врз пчелите предизвикани од честите врнежи и ненадејните климатски промени делот на Амазон и Бразил воопшто, предизвикани од глобалното затоплување.

    Секој чип емитува посебен сигнал, кој претставува еден вид идентификација за секоја пчела. Преку овој сигнал може да се следи и анализира состојбата на секоја пчела во кошницата. Се смета дека овие чипови многу ќе придонесат за намалување на проблемите во пчеларството насекаде, а особено во Бразил, каде автохтоните Јужно-американски пчели без осило се премногу чувствителни на климатски промени и се доведени во незавидна ситуација.