[dropcap]З[/dropcap]дравецот (Geranium molle) е мала зелјеста билка која расте до 30 cm во височина. Расте покрај патишта, запуштени ниви и градини. Има широки и округли ливчиња засечени со 5-9 засеци и обложени со многу куси и фини влакненца. Цвета од април до јуни, а цветовите се розево до виолетово обоени. Пчелите често го посетуваат и го сакаат поради нектарот и поленот. Поленот од здравец има карактеристична црна боја. Здравецот содржи доста етарско масло, танин и холин. Во народната медицина се користи за лечења на воспаление на слузницата на дигестивниот тракт.
Blog
-

Тајната на пчелниот угриз
[dropcap]И[/dropcap]стражувачите открија дека пчелата може да гризне исто толку добро колку што и боцка и дека угризот на пчелата содржи природен анестетик. Анестетикот не само што им помага на пчелите во одбрана против крлежите и молците, туку може да помогне и во хуманата медицина. Овој факт, кој го откри тимот составен од истражувачи од Грција и Франција во соработка со компанијата Вита, го менува досегашното мислење за тоа како функционира одбраниот механизам кај пчелите и води кон продукција на нов, природен и нетоксичен анестетик за примена кај луѓето и животните.
Овој природен анестетик е откриен на Универзитетот во Солун, а таму се и докажани и неговата формула (2-хептанон или 2-H) и неговото дејство. 2-H веќе е патентиран од Вита за употреба како локален анестетик и компанијата веќе бара фармацевтска компанија како партнер за соработка и иден развој на анестетикот.
До скоро се веруваше дека сегашната 2-H, пчелите ја користат како феромонски аларм кој ја активира одбраната на кошницата или како хемиски маркер кој на останатите пчели им сигнализира за тоа кој цвет е веќе посетен. Резултатите на истражувачкиот тим се поинакви од овие мислења. Изложувајќи ги пчелите на 2-H, така што супстанцијата е ставана веднаш до летото од кошницата, не е забележано никакво излетување и зголемување на бројот на пчели чувари.
Истражувањето докажува дека 2-H ги парализира малите инсекти и крлежи гризнати од пчелите. Парализата трае и до 9 минути. Пчелите ги користат вилиците за да го гризнат непријателот и пред да го исфрлат натрапникот од кошницата, во раната го испуштаат секретот за да го анестезираат.Ова е особено ефикасно против молците и крлежите, кои се премногу мали за да бидат убодени. Веднаш откако ларвата на молецот е гризната, истражувачкиот тим го идентификувал 2-H во нејзината хемолимфа. Интересно е тоа што 2-H е токсичен за пчелите, доколку навлезе во нивната хемолимфа, ги убива за многу кусо време.
Во лаборатотијата во Солун, докажано е дека 2-H има слично дејство како и лидокаинот, најупотребуваниот анестетик кај луѓето и останатите цицачи. Природно, 2-H во трагови го има во пивото, лебот и други продукти што го прави безбеден за употреба како замена за лидокаинот.
Најголема количина на 2-H има во угризот на Apis cerana, што евентуално може да се поврзе со нивната способност за контрола на вароа популацијата, но досега не е работено многу во оваа насока. Исто така и Apis dorsata и пчелите без осило лачат доста од овој анестетик.
-

Трофалакса-социјално поврзување кај пчелите
[dropcap]Т[/dropcap]рофалаксата е еден од начините на кои пчелите социјално се поврзуваат и разменуваат информации. Поимот има грчко потекло и значи делење на храната. Трофалакса се случува кога две пчели работнички ќе ја поделат содржината (мешавина од нектар и други супстанции) од нивните медни желудници собрана при едно излетување. При споделувањето на хранливата содржина, тие разменуваат и информации за секоја од нив и информации за пчелното семејство.
Трофалаксата започнува кога една пчела моли за храна или кога некоја пчела се нуди да сподели храна. Пчелата која моли го турка своето јазиче во устата на друга пчела. Другата пчела тогаш ги отвара вилиците, го турка своето јазиче напред и повраќа капка од собраниот нектар кој е прифатен од пчелата што молела. Во вториот случај, пчелата која нуди храна наоѓа пчела примач со која ја споделува храната. Трофалаксата најчесто се случува во правец-постара пчела кон помлада пчела, отколку обратно. Овој метод на поврзување преку размена на храна е многу брз. Истражувањата покажуваат дека при експериментално хранење со обоен или радиоактивен нектар на само неколку пчели работнички, таквиот нектар за 24 часа бил разнесен на повеќе од половината пчели работнички во семејството.
Некои сметаат дека трофалаксата има за цел да му даде ист мирис на семејството и дека по тој мирис пчелите се распознаваат помеѓу себе. Размената на храна има и функција да обезбеди еден вид сигурност помеѓу членовите на семејството во врска со снабденоста на квалитетен нектар и полен, а што може да се одрази на однесувањето на пчелите во семејството, негувањето на леглото, распоредот на обврските во семејството и количината на снесени јајца кај матицата.
Трофалаксата има удел и во размената на хемиски пораки помеѓу пчелите, кога тие при процесот на размена на нектар, меѓусебно си ги допираат антените. Размена на храна се случува и при танцувањето на пчелите, кога пчелата навигатор и дава нектар на друга пчела со цел да и покаже колку вкусен нектар има на посочената локација.
-

Фото-едукативен курс
[dropcap]М[/dropcap]ал едукативен курс, кој би требало да им користи на почетниците пчелари. Низ неколку фотографии одлично е прикажан изгледот на рамка во здраво семејство и во семејства инфицирани од најразлични патогени.
Изглед на здрава рамка, односно рамка од здраво семејство .
Изглед на рамка од семејство заболено од неколку болести (варовно легло, мешинасто легло).
Изглед на рамка од семејство заболено од варовно легло.
Изглед на рамка од семејство заболено од Американски гнилеж.
(кликнете на иконата snapshot во долниот лев агол за да почнете со разгледување на слајдовите).
-

Катастрофална пчеларска сезона во Словенија
[dropcap]О[/dropcap]ваа година интерната шега меѓу словенечките пчелари е онаа дека единственото што го цедеа се нивните солзи. Горка шега, но реална. Дури и повозрасните словенечки пчелари велат дека досега не се сеќаваат на вака лоша сезона. Велат дека причината лежи во лошите временски услови и малкуте сончеви денови оваа година.Изминатите пет години, просекот на изваден мед по кошница беше 32 килограми, но оваа сезона пчеларите извадија просек од само 7 килограми по кошница, што претставува страшен удар за пчеларите и причина да се побара помош од Министерството за земјоделство. Од таму следуваше брза реакција и е најавена финансиска помош од 5 евра по кошница за пчеларите со над 20 кошници и бесплатна оксална киселина за пчеларите со помалку од 20 кошници.
Во нормални пчеларски сезони во Словенија се произведуваат околу 2000 тони мед, а годинешнава количина изнесува дури помалку од една четвртина од наведеното производство. Поради намалената количина на високо квалитетен домашен мед, Словенија ќе мора да набави увозен мед.
Производство на мед во изминатите 5 години во Словенија:
2010- 32,33 кг/кошница
2011- 36,26 кг/кошница
2012- 15,02 кг/кошница
2013- 35,79 кг/кошница
2014- 7,03 кг/кошница.
-

Апихелпер-пчеларски помошник
Со секоја пчеларска година пчеларот станува сè повеќе искусен, но секоја година станува и сè потешко да се манипулира со кошниците. Најчесто проблемите со ‘рбетот и болки во грбот се оние кои го спречуваат пчеларот да ужива во својата работа. Затоа тука е Апихелпер, пчеларовиот асистент, направа со чија помош и со многу мал пчеларски ангажман може да се манипулира со тешките сандаци.
Ова се некои од предностите кои ги нуди Апихелпер:
- со Апихелпер редовните активности на пчеларникот се вршат далеку побрзо;
- едноставен е за ракување;
- стабилен е дури и на нерамен терен;
- мултифункционален е (може да се надгради и да се користи и како вилушкар);
- го собира и во автомобил;
- одговара за сите стандарди на кошници;
- крева тежина до 110 кг.
Единствен недостаток на Апихелпер можеби му е цената. Основната верзија чини околу 500 евра, а најскапата, секако и најдобра верзија чини 750 евра.
-

Мед со тартуф
[dropcap]М[/dropcap]ожете само да замислите што ќе се случи кога ќе се спојат два вакви бесценети продукти. Едниот познат по својата хранлива вредност, другиот препознатлив по ексклузивната арома.
Потребни состојки:
500 грама мед
5-10 грама црн или бел тартуф (прилично е скап, но го има и по нашите шуми, особено црниот тартуф, кој највеќе го има на пролет).
Време на подготовка: 20 минути.
Садот со мед се става во друг поголем сад. Во поголемиот сад се сипува вода и се става на шпорет. Тартуфот се сече ситно или се ренда во садот со мед. Смесата се загрева на температура највеќе до 50 степени Целзиусови. 10 минути стои на таа температура со повремено мешање. Се остава 10 минути на страна да се олади, а потоа се полни во тегли и се затвара.
Мешавината од мед и тартуф е одлична комбинација со потешки и тврди сирења, се користи при подготовка на сосови, маринади за пилешко месо, врз сладоледи, овошни салати, оди и со лепче само запечено на скара и др. Поради интензивниот вкус и арома, се става многу малку.
Медот со тартуф е добра можност и за проширување на палетата со производи на секој пчелар, а ако се знае фактот дека тегла од 50 грама чини околу 5 евра, сигурно ќе има заинтересирани производители.
-

Македонскиот мед на листата на ФЕЕДМ
[dropcap]Е[/dropcap]вропската федерација на пакувачи и дистрибутери на мед (ФЕЕДМ) го објави списокот на земји надвор од Европската Унија, од кои ќе може слободно да се увезува мед за потребите на граѓаните на ЕУ. На листата за оваа година се наоѓа и Република Македонија. Знаејќи дека ЕУ врши строг мониторинг и има поставено високи стандарди и критериуми во однос на земјите извознички на мед, можеме да бидеме сигурни дека македонските пчелари можат да се пофалат и гордеат со својот мед. Медот, кој во ЕУ доаѓа од земји кои не се членки на истата, мора да ги исполнува сите услови поврзани со законите за храна на ЕУ и целосно да се поклопува со директивите на Европската Комисија-директивата за мед 2001/110/EC и директивите за контаминација и резидуи во храната од животинско потекло 96/23/EC и 470/2009/EC. Доколку некоја земја направи било каква отстапка од истите, лесно може да ја изгуби привилегијата добиена од ЕУ и да биде избришана од списокот на ФЕЕДМ.
-

Робо пчели-решение за поинаков свет?
[dropcap]И[/dropcap]днината е веќе тука.
Иднина каде пчелите и биодиверзитетот се жртви на интензивната индустријализација и хемизација на земјоделство. Дали ова е и ваша визија за иднината на земјоделството? Доколку продолжи моделот на интензивно земјоделство сосема е извесно дека тоа ќе влијае и врз пчелите, што би довело до таканаречена „глобална опрашувачка криза“. Ние одлучуваме. Дали ќе има нов свет со ваква иднина или ќе го зачуваме овој и за идните поколенија.
Видеото е дел од кампањата за заштита на пчелите и останатите инсекти-опрашувачи спроведена од Гринпис.
-

Авијација во борба против азискиот стршлен
[dropcap]А[/dropcap]зискиот стршлен полека, но сигурно станува сериозна закана за пчеларството. Властите во Францускиот регион Акитен, еден од најзагрозените области во Франција и непрофитната организација Аквинетик, работат на заеднички проект за елиминација на оваа закана. Проектот наречен Вадуду (на Свахили јазикот-мал летечки инсект) има за цел да развие посебено летало, кое контролирано и управувано од далечина, во иднина треба да биде еден од главните средства во борба против стршлените. Леталото, чија работната верзија го носи името „Џокер“, тежи 3 килограми. Конструкцијата му е изработена од карбонски влакна и цевки, има систем од 4-6 пропелери и вградена камера со висока резолуција сместена на движечка платформа. Снабден е со пумпа со два резервоари во кои се полни отровот и инјектор со одредена димензија . Автономијата на летање на „Џокер“ изнесува 10-15 минути, зависно од временските услови, а најголемата височина на летање му изнесува 30 метри. Предностите на леталото се во системот од повеќе пропелери кои овозможуваат лесно и едноставно управување и во тоа што е отпорно на нападите и убодите од стршлените, па на тој начин без проблем може да дојде веднаш до нивното гнездо во кое ја испушта и токсичната материја.
https://www.youtube.com/watch?v=IJ568x-wv1c
Освен главната намена-борба против азискиот стршлен, планирано е леталото да најде функција и во превенција на шумски пожари, следење на состојбата со шумите, лозовите, овошните и останати насади.

