Blog

  • Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    [dropcap]З[/dropcap]дружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), ги објави резултатите од анкетните прашалници пополнети од пчеларите низ Европа и некои земји од Африка, а чија намена беше да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства во 2014/2015 година. Беа собрани податоци од 31 држава, меѓу кои и од Русија, Украина и Египет кои за прв пат беа дел од оваа анкета. Македонските пчелари веќе неколку години редовно учествуваат во пополнување на прашалниците и во креирањето на појасна слика за угинувањето на пчелните друштва на територијата на Европа и пошироко. Вкупно 23.234 пчелари беа дел од меѓународното испитување и обезбедија податоци за загубите, смртноста и забележаните промени на своите пчеларници во текот на зимата 2014/2015 година. Оваа бројка на пчелари-учесници во анкетата, менаџира со 469.249 кошници со пчели. Од оваа бројка, 67.914 пчелни семејства угинале во текот на зимскиот период, а 3% угинале по завршувањето на зимата од разни причини и проблеми поврзани со матиците. Анализата на резултатите покажува дека зимските загуби во голема мерка можат да варираат во различни држави. Така, во Норвешка загубите се 5%, додека во Австрија се движат до 25%. Најголем процент на смртност забележан е во Белгија и изнесува нешто повеќе од 36%. Просечната стапка на загуби изнесува 17,4%, што е двојно повеќе од минатата година.

    coloss zagubi

    Од околу 3.000 пчелари во Република Македонија, во анкетата оваа година учествуваа 190 пчелари со 13.847 зазимени пчелни семејства, а пријавените 752 угинати пчелни семејства покажуваат дека просечна стапка на пчелни загуби на територијата на нашата држава за зимата 2014/2015 година изнесуваат 5,43, стапка на смртност која заедно со бројката на загуби во Норвешка, Литванија, Израел и Велс ја става Република Македонија во петте земји со најнизок процент на зимски загуби. Секако дека многу различни параметри влегуваат при калкулацијата на загубите, но со оглед на тоа дека навистина имаше многу ниска смртност кај пчелите оваа зима, овие параметри за нашата земја слободно можат да ја отсликаат состојбата со зимските загуби во македонските пчеларници.

  • Селидбено пчеларење, главен услов за успешно пчеларство (Видео)

    Селидбено пчеларење, главен услов за успешно пчеларство (Видео)

    [dropcap]С[/dropcap]елидбеното пчеларење е нешто без кое модерното пчеларење е незамисливо. Со искористувањето на три, четири, па и повеќе паши, тројно расте можноста за зголемување на количините на пчелни производи. Во емисијата ЕУ Фармер, посветена на пчеларството, се разгледуваат повеќе можности за унапредување и модернизирање на пчеларството како и зголемување на приходите од истото. Еден од гостите во емисијата, професионалниот пчелар од Србија, Миле Стоиловиќ, ги објаснува разликите во стационарното и селидбеното пчеларење, ги открива најбитните фактори за да се биде успешен пчелар, како и минималната бројка на кошници за едно пчеларско семејство да функционира нормално. Понатаму во емисијата, проф. д-р Мишо Христовски, меѓу другото ги образложува основните услови за бавење со пчеларство, а професионалниот пчелар од скопско Љубанци, Ацо Спасенцовски кој со голем успех пчелари стационарно и селидбеното пчеларење им го остава на помладите генерации на пчелари, раскажува за своите достигнувања во пчеларењето, односно пчеларењето со четириматични друштва и добивање на матичен млеч во кошница со седум матици истовремено присутни во една кошница.

    Видеото погледнете го подолу.

     

  • Месојадна билка сојузник на пчелите во борбата против Азискиот стршлен

    Месојадна билка сојузник на пчелите во борбата против Азискиот стршлен

    [dropcap]А[/dropcap]зискиот стршлен, една од актуелните сериозни закани по пчелите, се повеќе се распространува во регионите во западна Европа. Во битката за спречување на неговото ширење, пчелите и човекот добиваат уште еден сојузник-месојадното растение Сараценија.

    saracenija svareni strsleni
    Сварени Азиски стршлени во стеблото на Сараценија

    Раководителот на ботаничката градина во Нант, Франција, Ромарик Перошо, открил дека Сараценијата ужива да се храни со единки на Азискиот стршлен. Тој вели дека нашол стебло на Сараценија полно со мртви и сварени стршлени. Стршлените, примамени од феромоните и нектарот на Сараценијата, поради специфичната градба на билката навлегуваат подлабоко во нејзиниот цвет со што стануваат лесен залак за растението. Цветот се затвара, а инсектот се потиснува во стеблото каде следува процесот на дигестија. Бидејќи оваа билка потекнува од САД каде го нема Азискиот стршлен, научниците сметаат дека ова е некаква европска адаптација на Сараценијата.

    Една месојадна билка има околу 15 цветови кои можат да привлечат и уловат и над 50 стршлени. Но со оглед на тоа дека во едно гнездо на Азиски стршлени може да има и 4000 единки, ефектот од Сараценијата и не е така голем. Затоа се размислува на распространување на растението во регионите каде се забележува присуството на стршленот, а фактот дека билката не претставува конкуренција и закана по останатата флора го прави овој потфат поедноставен.

    saracenija
    Цветови на Сараценија

    Интересно е тоа што феромоните и секретите на Сараценијата не ги привлекуваат европскиот стршлен, осите, и пчелите, што е причина одредени експерти да се насочат кон испитување на составот на феромоните со цел создавање на стапици и уништување на оваа сериозна закана по пчеларството, а во некои случаи и по човековиот живот.

  • Состојбата со пчелните семејства оваа година (Видео)

    Состојбата со пчелните семејства оваа година (Видео)

    [dropcap]В[/dropcap]о емисијата „Бразди“, емитувана на Канал 5 телевизија, со централна тема посветена на пчеларењето, гостуваше Илчо Костадиновски, пчелар од Виница. Во разговорот беше направена анализа на досегашната состојба со пчелните семејства, актуелната ситуација со мед во кошниците, мерки на пчеларникот кои треба да се превземат овој период, техниките на пчеларење кои тој самиот ги применува, а беа дадени и препораки за пчеларите почетници.

    Целиот разговор погледнете го во видеото подолу.

  • Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    [dropcap]Ш[/dropcap]вајцарските ветеринарни служби масовно ги мобилизираат тамошните пчелари и превземаат сериозни  мерки за рано откривање на присуство на малата кошничка бубачка. Во програмата за активно следење на заразеност со овој штетник, наречена APINELLA, вклучени се 180 швајцарски пчеларници кои секоја втора недела се контролираат за присуство на малата кошничка бубачка. Резултатите од мониторингот и контролите се внесуваат во заедничка база на податоци од каде се достапни за секој пчелар. Ваквиот начин на следење на резултатите од сите региони, овозможува навремено да се превземат соодветни мерки за заштита и методи на делување. Дополнително, секој пчелар кој ќе ја забележи малата кошничка бубачка на својот пчеларник, задолжително мора да ги извести кантонските ветеринарни власти. Тешкото откривање на инфицираноста на пчелните семејства со бубачката, бурниот и инвазивен ток на заразеноста, како и отежнатото справување на италијанските ветеринари и пчелари со инвазијата на малата кошничка бубачка во Италија се причина за ваквата загриженост и зголемените активности на швајцарските ветеринарни служби.

  • Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    [dropcap]Г[/dropcap]радењето на саќе е едно од основните обележја на медоносните пчели и многу битно за развојот на пчелните друштва. Саќето е неопходно за одгледување на потомството и за складирање на храната. Редовното менување на саќето е составен дел од добрата пчеларска пракса. Оваа постапка ги подобрува хигиенските услови во кошницата што е неопходно за здрави пчелни семејства. Старото саќе често може да содржи патогени и да претставува извор на инфекции. Исто така може да содржи и остатоци од хемиските препарати користени во борба против вароата или остатоци на токсични пестициди користени во земјоделството, а внесени од пчелите при процесот на собирање на храна. Замената на старото саќе се врши со нови восочни основи кои би требало да бидат изградени од чист восок. Но често пчеларите се сведоци на неправилно изградени восочни основи, одбивање на пчелите да го градат саќето на основите, делумно или бавно градење на основите, што е причина за забавување на развојот на пчелните семејства, пропуштање на одредени медоносни паши и економски трошоци. Главната причина за овие појави, според пчеларите е лошиот состав на материјалот од кој се изградени восочните основи, а сè со цел одредени производители да остварат поголем профит. Содржината која освен восокот како неопходна суровина за изработка на основите, вклучува и разни растителни восоци, восоци и парафини од нафтената индустрија, стеарин и сл. Од ваквите состојки, парафинот помеѓу пчеларите важи како најнепожелна супстанција во восочните основи. Но колку навистина парафинот содржан во восочните основи влијае врз градењето на саќето и развојот на пчелното семејство?

    За испитување на влијанието на восочните основи збогатени со парафин врз пчелите, Одделот за пчеларство при Институтот за земјоделство во Пулави, Полска, спровел двегодишен експеримент од 2010 до 2011 година. За потребите на експериментот биле изработени сатни основи од чист восок и восок помешан со парафин во однос од 10%, 30% и 50%. Матиците сместени на изолатори од по три рамки на кои на половина од рамките биле поставени контролни основи направени од чист восок, а на другите половини основи со наведениот процент на парафин, биле поставени во 7 експериментални класични Дадант-Блатови сандаци. Во експериментот биле набљудувани неколку параметри: брзина на градење на основите, зафатнина на леглото и развој на леглото и изведување на млади пчели.

    Се покажало дека не постои некоја разлика во однос на динамиката на градење на различните восочни основи. Саќето било градено со приближна динамика, а ќелиите биле правилно градени и со вообичаените димензии.

    графикон
    Динамика на градење на саќето

    Што се однесува до површината на леглото (отворено и затворено легло) и овде не биле забележани големи разлики. Матицата подеднакво ги занесувала сите ќелии од саќето со различен состав.

    графикон2
    Површина на саќе со легло (отворено и затворено)

    Подоцна кога почнало изведување на младите пчели, не се забележани никакви нарушувања на овој процес. Немало никаква смртност, ниту било какви аномалии кај новоизведените пчели.

    графикон3
    Површина на саќе од кое се извеле пчели работнички

    Според некои автори веќе било познато дека пчелите без никаков проблем толерираат и над 40% парафин во восочните основи, а експериментот на Институтот во Пулави само го потврдува тоа. Но од институтот наведуваат дека нивниот научен труд го потврдува нештетното влијание само на чистиот технички парафин (LTP 56/25) кој бил користен за целите на експериментот и дека ги исклучуваат дејствата на останатите парафини со разни хемиски состави и чистота, кои можат да се најдат во промет и чии ефекти врз пчелите се непознати.

  • Пчелниот отров како лек – штипјанец почна бизнис со државна поддршка

    Пчелниот отров како лек – штипјанец почна бизнис со државна поддршка

    [dropcap]Т[/dropcap]риесетгодишниот Марко Миховски од Штип е еден од ретките млади луѓе кој својата перспектива ја гледа во пчеларството. Пчелниот отров за потребите на фармацевтската индустрија е неговата оргинална идеја за која добил неповратна финансиска поддршка од државата во висина од 10.000 евра.

    Лековитите својства на матичниот млеч се добро познати кај народот. Миховски планира од својот пчлеларник да направи атракција каде што секој добронамерник на лице место ке може да го апстрахира матичниот млеч.

    Овој триесетгодишен земјоделски инжинер е еден од седумте млади луѓе од штипско кои сакаат да започнат земјоделски бизнис. Во наредниот период Миховски планира да го зголеми бројот на пчелни семејства, а органското пчеларење да стане нивни семеен бизнис.

    Извор

     

  • Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    [dropcap]В[/dropcap]о сабота надлежните служби на Град Скопје ќе извршат авионската дезинсекција против ларви од комарци на подрачјето на главниот град, што ќе биде прво прскање годинава на ниво на главниот град.

    „Првиот наврат на аеросолната дезинсекција (авионска) во 2015 година, на подрачјето на Град Скопје, против ларви од комарци ќе се реализира на 13.06.2015 година (сабота), во период од 7 до 11 часот. Притоа ќе бидат опфатени сите мочуришта, канали и стоечки водени површини во градот Скопје и неговата околина, како и течението на реката Вардар“, соопштуваат од Град Скопје.

    Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на аеросолната дезинсекција, авионската дезинсекцијата ќе се изврши првиот нареден ден,  кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.

    Пчеларите се предупредуваат навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

  • Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    Заборавил да ги отвори кошниците и предизвикал катастрофа

    [dropcap]Т[/dropcap]ажна била сликата која ја затекнал еден грчки пчелар откако наредниот ден дошол да ја провери состојбата на претходно доселените пчелни семејства. Ниту едно од дваесетте пчелни семејства не ја преживеале катастрофалната грешка на пчеларот.

    Кога пчелните семејства вечерта биле преселени од околината на градот Агринио на новата локација во местото Елати, пчеларот заборавил да ги отвори летата од кошниците. Погубни биле обидите на пчелите да најдат пат кон надвор и да се ослободат од кошницата бидејќи на тој начин само се зголемувал стресот кај пчелите и се покачувала температурата во сандакот, која ги прегреала и задушила пчелите. Утредента пчеларот сфатил како едно мало невнимание за само 24 часа може да уништи нешто стекнато со голем труд и вложување.

    mpceli1

    За да се избегнат и да не се повторуваат вакви грешки, искусните пчелари препорачуваат проверка на летата после секое селење на сандаците со пчели. Кога еднаш ќе се направи контрола, се поминува и втор пат за да се потврди со сигурност дека сите лета се отворени. Во вакви случаи треба да се занемарат тврдењата на помошниците дека работата околу отварање на летата е завршена се додека пчеларот со сопствени очи не го утврди тоа. Користењето на батериски светилки e препорачливо за проверка на летата при селењето во ноќните часови.

  • Фантастичниот свет на солитарните пчели (Видео)

    Фантастичниот свет на солитарните пчели (Видео)

    [dropcap]Т[/dropcap]имот Кандиру е група на млади луѓе од Глазгов, ентузијасти и вљубеници во природата, кои прават научни филмови поврзани со животинскиот свет и природата воопшто, а подоцна бесплатно им ги даваат на училиштата, научните установи и невладините здруженија со цел да се крене свеста за значењето на најразлични животински видови и да се помогне во нивната заштита и конзервација. Во моментов работат на проект поврзан со животот на солитарните пчели и нивното значење за опрашувањето, екологијата и биодиверзитетот, бидејќи познато е дека голем дел од фамилијата на пчели им припаѓа токму на солитарните пчели. Промоцијата на документарниот филм е најавена за 5-ти јуни, а од Тимот Кандиру велат дека фимот ќе може слободно да се гледа, споделува и без никакви авторски права да се користи за едукативни, научни и останати хумани цели.

    Трејлерот кој беше објавен пред извесно време, несомнено покажува дека станува збор за одлично направен документарец и дека вљубениците во природата, животните, а особено оние во светот на пчелите, со нестрпливост ќе чекаат да го погледнат целиот филм.

    Трејлерот погледнете го во видеото подолу:

    https://vimeo.com/123611196