Blog

  • Повисоки субвенции за регистрираните пчеларски одгледувалишта благодарение на MacBee

    Повисоки субвенции за регистрираните пчеларски одгледувалишта благодарение на MacBee

    [dropcap]Р[/dropcap]егистрираните пчеларски одгледувалишта кои одгледуваат и продаваат сертифицирани и селекционирани матици и пчелни роеви од подвидот Apis mellifera macedonica, во 2015 година освен редовните 600 денари, ќе добиваат и дополнителни 1000 денари по пчелно семејство. На иницијатива на кластерот MacBee,во кој членуваат дел од засегнатите субјекти, во 2014 година беа одржани низа средби со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за економија и неколку владини агенции, при што истите беа запознаени со проблемите со кои се соочува кластерот MacBee и беа понудени конкретни решенија за тие проблеми. Меѓу предложените решенија беше и забелешката  во рамките на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството да се оформи мерка за финансиска поддршка на регистрирани одгледувалишта на пчелни матици во висина од 1000 денари по пчелно семејство опфатено со одгледувачка програма и програма за селекција. Ваквиот предлог беше врз основа на лошата состојба во која се наоѓаа регистрираните пчеларски репроцентри и која поради отежнатото работење можеше да доведе до нивно згаснување, а на тој начин да се нанесе голема штета на генетскиот фонд на нашата домашна автохтона медоносна пчела. На средбите беа понудени и уште неколку решенија, кои освен за самиот кластер, беа од значење и за сите домашни пчелари. 

    Здружението MacBee и пчеларскиот кластер MacBee ќе продолжат со ваквите активности и иницијативи со цел да ги заштитат и унапредат правата на своите членови и да придонесат за развој на домашното пчеларство.

    Извор: www.macbee.org

  • Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    [dropcap]П[/dropcap]амукот како индустриска култура е сè повеќе баран на светските пазари. Наоѓа примена во индустријата за производство на масло за исхрана, во текстилната индустрија, во индустријата за производство на сточна храна, а како растение кое се карактеризира со добра продукција на нектар, значајно е и во пчеларското производство. За разлика од минатото, односно во 70-тите години на ХХ век кога памукот кај нас бил застапен на површина од околу 10 000 хектари, денес е посеан само на десетина хектари. За разлика од кај нас, во Грција под памук се наоѓаат површини од околу 240 000 хектари, и во тамошните региони памукот претставува сериозна пчелна паша и добар извор на нектар и полен. На сериозни приноси на мед од полињата со памук, можат да сметаат и во Египет, Судан, САД, Сирија, Португалија, Шпанија, Кина и др.

    Памукот во нашиот регион цвета од средината на јули до септември. Карактеристично за цветот на памукот е што има екстрафлорални нектарии кои започнуваат со лачење на нектар уште додека цветот не е целосно отворен, а нектарењето потоа продолжува и кога цветот е отворен и трае се додека цветот не зарумени. За да го наполни медниот желудник со нектар, една пчела треба да посети околу 100 цветови на памук. Бидејќи памукот е растение за чие одгледување се користи поголемо количество на вода, медот од него е светол, редок, без посебно истакната арома и брзо кристализира. Поради брзата кристализација на медот од памук, овој мед не е пожелен во кошницата со зазимени пчели.

    med-pamuk
    мед од цветови на памук

    Памукот се покажал и како добар извор на полен, но памуковиот полен има ниска протеинска вредност, па кога пчелите имаат можност да посетуваат други растенија кои истовремено лачат полен, површините со памук остануваат запоставени.

    Употребата на пестициди врз насадите со памук, може да биде причина за масовно труење на пчелите, па сè повеќе се води сметка за изнаоѓање на алтернативни начини за заштита на насадите со памук, едуцирање на одгледувачите на памук за термините на прскање, како и навремено известување и предупредување на пчеларите доколку се употребуваат одредени хемиски препарати.

  • Електричен силиконски појас за декристализација на мед

    Електричен силиконски појас за декристализација на мед

    [dropcap]Б[/dropcap]арањето алтернативи и импровизирањето се чести ситуации во пчеларењето. Скапата опрема за разните операции во текот на пчеларењето, медоберот, преработката на пчелните производи и сл. се олеснување за секој пчелар, но не се секогаш достапни за сите кои одгледуваат пчели. Овој силиконски појас, кој оригинална примена наоѓа во индустријата за производство на биодизел, многу пчелари решиле да го употребат и како импровизиран декристализатор на мед.

    pojas1 pojas2

    Електричниот појас е изграден од растеглив силикон, со можност да опфати метално или пластично буре од 200 литри. Должината му е 174 cm, а широк е 12,5 cm. Вградените греачи загреваат до температура од 150 °С, а термостатот овозможува регулирање на температурата по желба.

    На интернет страните за е-купување, електричниот појас може да се најде по цена од 65 долари.

  • Оценување на квалитетот на матицата

    Оценување на квалитетот на матицата

    [dropcap]М[/dropcap]атицата е најбитниот дел од пчелното семејство. Во зависност од условите, во активна сезона таа може дневно да снесе и над 1500 јајца. Колку повеќе јајца снесува, толку повеќе е јако и продуктивно нејзиното семејство. Матицата обично живее 5, па дури и повеќе години, но несењето значајно се намалува после втората или третата година. Со цел да го сочуваат семејството силно, многу пчелари ја менуваат матицата секоја втора или трета година. Со стареењето, матицата го троши количеството на внесени сперматозоиди при оплодувањето и постои можност да почне со несење на неоплодени јајца од кои подоцна ќе се изведат голем број на трутови. Таквата матица се вика трутовска матица. Но во вакви случаи (стара и истрошена матица, болна матица, трутовска матица, оштетена матица) најчесто пчелите самите интервенираат и почнуваат со постапка за елиминирање на непожелната матица и изведување на нова матица, со што не дозволуваат опстанокот на семејството да биде доведен во опасност. Понекогаш, поради различни причини се случува матицата да потфрли токму во делот од сезоната кога пчеларот најмалку посакува и најмалку се надева на тоа. Меѓу тие причини се наоѓа и лошата проценка на особините на матицата. За да ја намали или елиминира појавата на вакви несакани ситуации, пчеларот мора постојано да ги следи нејзината активност, продуктивност, кондиција, шема на несење, конституција, однесување и други особини.

    Конституциски, една добра, здрава матица се одликува со сјаен граден дел, долг стомак зашилен на крајот, без оштетени екстремитети, крилца или антени. Но нејзиниот надворешен изглед, не е секогаш гаранција и одраз на нејзината репродуктивна способност. Преку следењето на нејзините перформанси, односно способноста за несење и карактеристиките на нејзиното потомство, најдобро се проценува колку една матица е квалитетна.

    Посакувана конституција на една матица
    Посакувана конституција на една матица

    Шемата на несење е битна карактеристика при оценување на квалитетот на матицата. Едноличен, компактен и густ распоред на снесените јајца, ларви или затворено легло низ саќето, се показател за добра и квалитетна матица. Висока оценка се дава на матицата кај која 95% од ќелиите од саќето на рамката содржат легло, а околу 5% од ќелиите се празни. Добра матица исполнува со легло најмалку 6 до 9 рамки од кои најслабо занесената рамка треба да биде исполнета најмалку 2/3 од својот капацитет. Кај рамките во семејства со добра матица, изгледот на леглото распоредено во различни возрасни стадиуми има сферична или овална форма.

    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица
    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица

    Количински малку, а при тоа уште и расфрлано, нееднакво и неправилно разместено легло е знак за неквалитетна матица. Празните ќелии помеѓу леглото или незанесениот простор на саќето, укажуваат на истрошена матица или заболена матица која веќе не несе или пак можеби снесува јајца но поради присуството на одредена болест или некоја друга причина, пчелите ги чистат и исфрлаат од ќелиите. За појавата на шареноликост и отсуство на леглото, можат да бидат виновни повеќе фактори:

    • болест-најчесто американски гнилеж, европски гнилеж или варовно легло, кај кои пчелите ги отстрануваат заболените ларви, при што лесно може да се забележи отсуството на легло и неговата компактност;
    • оплодување во крвно сродство (инбридинг)-кога матицата е оплодена од трутови од сопствената кошница од која и таа самата е изведена, при што можни се нарушувања во процесот на несење на јајца и во квалитетот на снесените јајца;
    • труење со пестициди;
    • недостаток на полен и нектар во семејството;
    • блокираност на матицата кога во периоди на лачење на нектар и полен во големи количини, поради исполнетост на ќелиите со складирана храна, матицата е оневозможена да несе каде што таа сака, туку каде што ќе најде слободно место.
    Саќе занесено од неквалитетна матица
    Саќе занесено од неквалитетна матица

    Стапката на несивост е уште еден битен фактор при оценување на матицата. Тоа е односот помеѓу снесените јајца и отвореното и затвореното легло во саќето. Кога матицата започнува со зголемување на несењето, односот помеѓу снесените јајца и запечатеното и отворено легло изнесува 1,5:1. Ако односот е 1:1,5 тоа е индикација за намалување на несивоста, а ако односот е 1:3 во корист на затвореното и незатвореното легло, тоа е знак за драстично и брзо намалување на несивоста.

    Оценување на квалитетот на матицата преку нејзиното потомство се прави врз основа на одбранбеното однесување на пчелите при манипулација, медопродуктивноста, роевиот нагон, отпорноста на болести и некои други особини.

    Ова е многу значајно за пчеларите почетници, за кои ресурсите и генетиката кои ги нудат малиот број на семејства со кои започнале да пчеларат, се единствениот избор и извор на материјал за производство на матици и проширување на пчеларникот.

  • Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    [dropcap]З[/dropcap]а внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

    За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

    При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

    Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.

  • Робоп-современ, но скап заштитник на пчеларникот од птици

    Робоп-современ, но скап заштитник на пчеларникот од птици

    [dropcap]П[/dropcap]реку целата година, пчеларот се соочува со разни птици-натрапници кои на различни начини предизвикуваат помали или поголеми штети на пчеларникот. Робоп е идеално решение за одвикнување на птиците штетници од посетата на пчеларниците.

    Со изглед базиран на сивиот сокол, оваа роботизирана птица наоѓа примена во растерување на птиците на аеродромските писти, на спортските терени, во земјоделското производство и др. Робоп е изработен врз основа на научна експертиза и долгогодишно искуство. Работи автономно, има способност за изведување на одредени движења, емитува 4 типови на звук исто како и реалниот сив сокол и на тој начин многу хумано, еколошки и економично ги растерува и плаши непожелните птици. Се напојува со струја директно од извор на струја или преку соларен панел и може да работи при различни временски услови. Деловите од кои е направен не бараат некое посебно и одредено одржување, а периодот на користење на Робоп, според производителот, изнесува над 10 години.

    robop

    Основната цена на оваа птица-робот изнесува 4000 евра, додека онаа најнадградената верзија, која вклучува најразлични додатоци како стојалиште, соларен панел и друго, чини 7900 евра. Овие цени, и тоа како се астрономски високи, не само за нашите пчелари, фармери и сопственици на различни засегнати компании, туку и за оние засегнатите во многу други, економски поразвиени земји, но производителот на Робоп вели дека секоја дадена пара за роботизираната птица се исплати. Како и да е, Робоп може да послужи како идеја за импровизации на нашите пчелари, барем додека на пазарот можеби не излезе некоја кинеска и далеку поевтина верзија на Робоп.

    Робоп-промо:

    Робоп-тест:

     

  • Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    [dropcap]Д[/dropcap]о 11-ти декември 2014 година, поради заразеност со малата кошничка бубачка, на околу 60 пчеларници запалени и уништени се повеќе од 3600 пчелни семејства со што е направена штета процената на околу 1,5 милиони евра. Со овој радикален и непопуларен потег на италијанските власти не се сложуваат италијанските пчелари, кои револтирани сметаат дека само преку заедничка стратегија, а не со палење на пчелните семејства може да се дојде до решение на настанатата ситуација. Според пчеларите, бесплатните стапици за ловење на бубачката, во комбинација со соодветен хемиски третман и деконтаминирање на почвата околу пчеларникот, би резултирало со намалување и елиминирање на заразата. Револтот го зголеми и непостоечката одлука за обесштетување на уништените семејства, па пчеларите беа оставени сами на себе. Дури во последните денови од 2014 година, беше донесена одлука со која на пчеларите ќе им се исплаќа одреден надоместок за уништените семејства, почнувајќи од 80 до 120 евра за уништен нуклеус па нагоре.

    Мерката за палење на семејствата во кои ќе се најде барем една возрасна единка на малата кошничка бубачка ќе се спроведува до пролет, од кога би требало да се настапи со нова стратегија за борба против овој штетник.

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Клукајдрвецот-зимски непријател на пчелите

    Клукајдрвецот-зимски непријател на пчелите

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот на зимското мирување на пчелите, на пчеларникот можат да се појават повеќе штетници, кои освен што го нарушуваат мирот во пчелната кошница, можат и да доведат до целосно угинување на семејството и покрај тоа што пчеларот ги превзел сите неопходни апитехнички мерки за успешно презимување на пчелното семејство. Еден од таквите пчелни штетници е и шарениот клукајдрвец.

    Пчелите и нивните ларви не се класична храна за шарениот клукајдрвец, но студените и долги зими можат да бидат причина за клукајдрвецот својата борба за опстанок и преживување да ја поведе и на пчеларникот. Клукајдрвецот ги напаѓа дрвените кошници, а забележани се случаи кога се нападнати и кошници од стиропор. Интересно е тоа што клукајдрвецот многу точно и прецизно избира каде е најтенкиот дел од ѕидот на кошницата и токму таму пробива дупка. Ова најчесто се случува на кошниците кај кои постојат изрезбани жлебови кон внатре, кои служат како рачки. Тој дел е најтенок и клукајдрвецот најлесно го пробива. При пробивањето на дупките пчелите се вознемирени, зимското клопче се растура, пчелите пробуваат да се одбранат па дел од пчелите паѓаат на подницата каде поради студот угинуваат, а дел стануваат храна за натрапникот. Како храна на клукајдрвецот можат да послужат и ларвите од пчелното легло, чие вадење од ќелиите не претставува потешкотија за долгиот и леплив јазик на клукајдрвецот. После оброкот клукајдрвецот го напушта местото, дел од саќето е уништено, а дупката која ја направил е преголема за да можат пчелите при убаво време да ја затворат и прополизираат, па преку неа многу често влегуваат глувци и студ кои се причина за дополнително нарушување на функционирањето на пчелното семејство и негово угинување.

    IFПомеѓу пчеларите постојат повеќе „техники“ за заштита доколку се забележат напади од клукајдрвците. Доколку се работи за помал број на кошници, добро решение е преку зимата тие да се завиткаат со мрежа чии отвори нема да пречат на пчелите, а ќе бидат непроодни за птиците. На пчеларници со повеќе семејства, пчеларите практикуваат на повисоки колци да закачат стари компакт дискови, ленти од видео или аудио касети или најразлични сјајни предмети кои предизвикуваат страв и одбивност кај клукајдрвците. Некои пчелари прават и најразлични страшила, а според некои, позитивен ефект врз одбивањето на клукајдрвците има поставувањето на пластични реплики на бувови или некои други грабливи птици на одредени места на пчеларникот.

    klukajdrvec3

    Доколку веќе настанала штета и кошниците се пробушени и оштетени, а за семејствата сеуште постои надеж за спас, дупките привремено се затвораат со пур-пена, силикон, мешавина од лепак и дрвени струготини, се залепува парче дрво врз дупката и слично, а на пролет и при поволни услови, оштетената кошница се заменува со здрава.

  • Осма едукативна средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    Осма едукативна средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а 25/12/2014 година, во просториите на Сојузот на Стопански комори во Скопје, ќе се одржи осмата по ред средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје.

    Во едукативниот дел од средбата, со своја презентација ќе настапи Драги Спасенцовски, искусен пчелар од Скопје, кој ќе ги претстави начините и техниките на пчеларење и производство на матици на својот пчеларник.

    Дел од средбата ќе биде наменет и за предлогот на големиот број на членови на здружението-измена на денот на одржувањето на едукативните состаноци.