Blog

  • Мајски рутински преглед на Родна Воја и Лангстрот-Рут кошници во с. Малино (Видео)

    Мајски рутински преглед на Родна Воја и Лангстрот-Рут кошници во с. Малино (Видео)

    [dropcap]Н[/dropcap]а 25-ти мај 2015 година, гостин на пчеларникот во с. Малино и дел од репро-центарот за пчелни матици „ЕКО ПЧЕЛА“-Скопје, беше новинарот Зоран Трајчевски, кој за потребите на својата емисија „Актуелно“, која се емитува на Македонското радио, направи интервју со сопственикот на одгледувалиштето, професионалниот пчелар Борче Павлов. Новинарот, истовремено голем вљубеник во природата и почетник во пчеларењето, се запозна со капацитетите на одгледувалиштето, условите за работа и начинот на функционирање на овој бизнис. Присуствуваше на рутински преглед на дел од кошниците од типот Родна Воја.

    Беше посетен и експерименталниот пчеларник на здружението „MacBee“ лоциран недалеку од репро-центарот, каде дел од членовите на здружението го запознаа новинарот со активностите и дел од проектите на здружението.

    Како благодарност за успешно реализираниот пчеларски ден, Трајчевски на двете здруженија им се оддолжи со интересно видео во негова лична продукција:

  • Идеја за чистење на ханемановите решетки

    Идеја за чистење на ханемановите решетки

    [dropcap]Х[/dropcap]анемановата решетка е битен дел при одредени техники на пчеларење со некои типови на сандаци. Најчесто се изработени од метал, но често на пазарот се нудат и матични решетки од пластика и други материјали.

    Од причини познати само на пчелите, многу често на отворите на ханемановите решетки пчелите градат саќе кое доколку зафаќа поголема површина може да предизвика пречки во движењето на пчелите и отежната комуникација помеѓу пчелите во телата поделени со матичната решетка. Токму затоа доколку при преглед на семејствата кај кои се користат ханеманови решетки се забележи дивоизградено саќе, потребно е истото да се отстрани. Чистењето на отворите на матичната решетка најчесто се врши со рачни чешли наменети за таа цел, со кои процесот оди нешто побавно или со рачен бренер со чие користење постои можност дел од восокот да се оштети.

    Интересна идеја за брзо чистење на ханемановите решетки без загуби во восокот е чистење со користење на топловоздушен фен. Ваквите фенови можат да се најдат и по ниски цени, а освен за оваа намена пчеларот може да го користи и за други цели како што се топење на прополис, отстранување на боја од кошниците и сл.

    fen2

  • Значењето на автохтоната македонска пчела и заштитата на овој подвид (Видео)

    Значењето на автохтоната македонска пчела и заштитата на овој подвид (Видео)

    [dropcap]З[/dropcap]а заштитата и значењето на Apis mellifera macedonica и реализираните проекти во таа насока, во утринската емисија на Алфа ТВ зборуваше Борче Павлов, професионален пчелар, сопственик на регистрирано одгледувалиште на пчелни матици и член на пчеларското здружение „Еко Пчела“-Скопје. Во разговорот, Павлов ја истакна важноста на автохтоните пчели, како и нивната предност во однос на хибридите и увезените подвидови на пчели. Зборувајќи за производството на селекционирани матици, тој ги наброја предностите и придобивките кои би ги добил секој одгледувач на пчели доколку набави матици токму од регистрираните одгледувалишта. Ова, а и останатиот дел од разговорот погледнете го подолу во видеото.

  • Брз начин на формирање на нуклеуси

    Брз начин на формирање на нуклеуси

    [dropcap]E[/dropcap]ден многу успешен и брз начин за формирање на пчелни семејства-нуклеуси, кои до крајот на сезоната прераснуваат во јаки друштва, односно производни заедници за наредната година.
    Ова се прави што порано, но ова е и стратегија јаките друштва да не влезат во роидбен нагон.
    Овој оплодник на фотографијата (за две рамки ЛР), може и за ДБ

    го населувам со 1 рамка затворено легло со пчелите на неа, 1 кафеава празна рамка од која биле изведени неколку генерации легло и додаден матичник. Може да се додаде и купена матица.
    Кога матицата ќе се оплоди не треба да се брза со нејзино вадење. Останува во оплодникот така што таа ќе ја нанесе и празната кафеава рамка.
    Кога во оплодникот има 2 рамки со легло, земам нуклеус кој собира 6 рамки (прикажан на сликата)

    и го населувам со 2-те рамки затворено легло од оплодникот и 2 рамки со затворено легло од јаките семејства, една рамка со храна и една восочна основа, така што се добива јак нуклеус со 4 рамки легло, 1 рамка храна и 1 рамка со восочна основа (вкупно 6 рамки). Со ова се потиснува и роидбениот нагон кај јаките семејства (на местото на одземените рамки се додаваат восочни основи или кафеави рамки), односно се создава работно расположение. Овој оформен нуклеус ја користи јунската паша, се проширува и до почетокот на август ќе прерасне во јако семејство кое во наредната година ќе биде производно семејство.

    ВАЖНО:
    -населувањето на оплодникот да биде со затворено легло од кое веќе почнале да излегуваат пчелите или од кое ќе излезат за 2-3 дена, поради варијабилните температури во тој период за пчелите да не се мачат да го греат леглото.

    -населувањето на оплодникот е до средината на мај, (оваа година и малку подоцна).

    -поради опасност од грабеж оплодникот се прихранува со цврста храна, додека кај нуклеусот може да се користи течна прихрана.

  • 8 најдобри видови на мед

    8 најдобри видови на мед

    [dropcap]Н[/dropcap]ајчестото прашање кое го поставуваат купувачите на мед е „Кој вид на мед е најдобар?“ Не постои одговор на ова прашање. Било кој вид на природен мед е добар, а секој од нив поседува уникатни особини кои делуваат против одредени заболувања. Сепак, подолу е прикажана една листа на видови на мед направена според широкиот спектар на корисните особини на медот и според побарувачката на купувачите.

    Багремов мед

    Одличен е за оние кои имаат проблеми со дигестивниот систем. Внесува рамнотежа во целиот организам и делува благотворно. Поради ниската стапка на сахароза, а високата содржина на фруктоза се препорачува на лицата со дијабетис. Поради својот состав одличен е и за мали деца (возраст од над 3 години).

    Мед од липа

    Делува антисептички и благотворно. Се користи за третирање на грип, настинки, бронхитис и разни респираторни заболувања предизвикани од стрептококи, стафилококи и останати грам-позитивни бактерии. Успехот на липовиот мед при третманите на овие заболувања се должи на тоа што овој мед го поттикнува организмот да се поти по што организмот за кусо време ја враќа нормалната рамнотежа.

    Шумски мед

    Шумскиот мед содржи најмалку 13 пати повеќе минерали од цветните видови на мед. Особено е богат со железо што го прави ваквиот мед идеален за подобрување на крвната слика. Значаен е и за растот и развојот на организмот поради што се препорачува кај децата. Се користи кај анемија, гинеколошки, респираторни и други заболувања.

    Костенов мед

    Медот од костен има специфична и интензивна арома и малку горчлив вкус. Помага кај нарушувања на функцијата на црниот дроб, желудникот, жолчката, дванаестпалачното црево. Лекува гастритис и чиреви, жолтица, бактерии во мочните канали. Поради извонредниот вкус и специфичната арома, костеновиот мед се користи за изработка на разни десерти.

    Мед од жалфија

    Овој мед со право спаѓа меѓу најдобрите. Се користи кај воспаленија и заболувања на усната празнина и на дигестивниот тракт. Лекува воспалени синуси, кашлица, суво грло, бронхитис и настинка.

    Ливадски мед

    Содржи доста есенцијални масла што го прави омилен кај корисниците, а особено децата. Се препорачува кај пациенти со респираторни заболувања предизвикани од грам-негативни бактерии, кај гинеколошки заболувања и авитаминози. Поради тоа што вклучува нектар од голем број на различни растенија, ливадскиот мед има прекрасен вкус и богат е со витамини и минерали.

    Мед од сончоглед

    Поради високата содржина на гликоза и уште неколку други битни состојки, сончогледовиот мед го подобрува имунитетот на организмот, го зајакнува срцето и ја подобрува циркулацијата.

    Мед од маслодајна репка

    Овој мед е доста квалитетен и поседува големи антибактериски својства. Поради лесната кристализација често може да се купи измешан со матичен млеч.

  • Вартерминатор-мравја киселина во поинаков облик за контрола на вароата

    Вартерминатор-мравја киселина во поинаков облик за контрола на вароата

    [dropcap]М[/dropcap]равјата киселина оправдано се наоѓа помеѓу поефикасните средства за борба против вароата. Добро е познато дека таа со голем успех ги убива крлежите во затвореното легло, но иако многу ретко, понекогаш се случува да предизвика одреден проблем во пчелното семејство. Новиот облик на средството за контрола на вароата на база на мравја киселина, а пуштено во промет пред неколку денови под името Вартерминатор е создадено и развиено токму со цел ефикасно да се справи со крлежите, а при тоа да биде сосема безбедно по пчелите. Вартерминатор претставува проѕирен гел кој содржи 36% мравја киселина во себе, спакуван во соодветна вреќичка сместена во херметички затворено пластично пакување.

    varterminator

    Аплицирањето на Вартерминатор се врши на температура помеѓу 15°C и 35°C, а техниката се состои во едноставно отпакување на пластичното пакување и поставување на вреќичката со гел врз рамконосачите. Еден третман со ова средство се врши со две вреќички со гел кои остануваат во кошницата 10 денови, период по кој е потребно да се постават нови две пакувања со гел.

    varterminator2

    Структурата на Вартерминатор е создадена да продуцира пасивно испарување на мравјата киселина со што се герантира максималната безбедност на пчелите. Просечната акарицидна ефикасност на ова средство е 95%, а максималната забележана ефикасност изнесувала 99%.

    Засега овој производ го има само на пазарот во Италија, каде тамошните пчелари веќе имаат можност да ги испитаат неговите резултати и ефикасност независно од она што го декларира неговиот производител и што го покажуваат експерименталните резултати. Доколку Вартерминатор навистина покаже успех во делувањето, тогаш е јасно дека е потребна негова масовна распространетост, како во органското така и во конвенционалното пчеларење.

  • Нуклеус или пакетен рој?

    Нуклеус или пакетен рој?

    Оние кои сакаат да започнат со пчеларење или пак оние кои веќе пчеларат, но се ограничени преку капацитетите на својот пчеларник да го зголемат бројот на пчелни семејства, најчесто имаат можност да набават пчелни роеви складирани во два облика: пчели спакувани во пакет-пакетен рој или пчели сместени на неколку рамки-нуклеус. Очигледно дека овие две форми на понуда на пчелни семејства нудат одреден ценовен компромис и за продавачот и за купувачот, но исто така овозможуваат вака набавените пчели, при разумни услови успешно да се развијат и барем најмалку да ја дочекаат зимата како комплетно развиено пчелно семејство. Пакетните роеви и нуклеусите имаат одредени свои предности, но и недостатоци.

    Пакетен рој подразбира одредена количина на пчели истресена од една или повеќе продуктивни кошници, спакувани во кутии од картон или дрво во комбинација со ситна мрежа. Тежината на истресени пчели во еден пакетен рој најчесто изнесува 1,2 килограми. Во пакетот со истресени пчели се додава и млада спарена матица сместена во кафез. Во одредени случаи пакетот вклучува и хранилка за течна прихрана на пчелите. Голема предност на пакетните роеви е тоа што можат да се инсталираат во било кој тип на кошница. Позитивно е и тоа што кај пакетните роеви нема никакви хемиски или биолошки агенси кои вообичаено се задржуваат во саќето. Пакетните роеви се нешто поевтини од нуклеусите, но многу ретко можат да се најдат во понудата на нашите пчелари. Треба да се нагласи дека формирањето на пакетните роеви претставува стрес за пчелите кој може различно да влијае на новосоздадениот рој.

    Предности и недостатоци на пакетните роеви:

    [cs_table id=”1″]

    Нуклеусот вклучува 5 рамки од кои 3 се со легло, а 2 се со полен и мед. Предноста кај нуклеусите е тоа што матицата веќе е прифатена, несе јајца и слободно може да се види квалитетот на нејзиното легло. Пчелите во нуклеусот се со различна возраст и си ја знаат својата улога во семејството, што ги става неколку недели во предност пред развојот на пчелите од пакетниот рој. Поради залихите на полен и мед на пчелите во нуклеусот не им е потребна дополнителна прихрана. Нуклеусите со различен тип на рамки се во понудата на секој комерцијален пчелар кај нас. Меѓу малкуте недостатоци кај нуклеусите е можноста за присуство на болести, штетници и остатоци од штетни хемиски агенси во саќето.

    Предности и недостатоци на нуклеусите:

    [cs_table id=”2″]

  • Пчеларот поради кого збеснаа колегите од нашиот јужен сосед

    Пчеларот поради кого збеснаа колегите од нашиот јужен сосед

    Македонскиот пчелар, чија фотографија се појави во повеќе медиуми на нашиот јужен сосед, освен дел од тамошните пчелари, успеа сериозно да изнервира и дел од грчката јавност. На фотографијата пчеларот прикажувајќи рамка со легло, стои пред кошници на кои се насликани ликот на Александар Македонски и сонцето од Кутлеш, главната причина поради која во моментов е и „популарен“ кај нашите соседи.

    makedonski pcelar1

    Во текстот посветен на оваа фотографија, насловен како „Скопјаните и нивните простачки работи“, полн со навреди, вулгарности, омраза и бес кон Македонците, а објавен во повеќе грчки медиуми, се вели дека во време кога Грците се нарекувани фашисти од сите страни, „Скопјаните“ подло, но сеуште со надеж, се обидуваат да се претстават како Македонци. Се оди дотаму што како доказ за потеклото, на македонскиот пчелар и на сите кои се нарекуваат Македонци им се нуди анализа и споредба на нивната ДНК со онаа на античките Македонци.

    Пчеларите, од каде и да се, важат за благородни, чесни и добри луѓе, и тие како и пчелите не познаваат ниту политика, ниту граници, па затоа ова ќе го прифатиме како нивен мал испад во моментите на слабост и како рефлексија на целокупната ситуација во која се наоѓаат во моментов. А нашиот колега очигледно е дека одлично си ја работи својата работа. Матицата му е за пофалба. Дали сите матици се така квалитетни или само оние од кошниците насликани со македонски мотиви, засега останува мистерија.

  • COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    [dropcap]С[/dropcap]о цел да се соберат повеќе информации за загубата на пчелни семејства од што е можно повеќе држави, Здружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), го објави прашалникот, со кој преку одговорите на стандардизираните и унифицирани прашања за пчеларите низ цела Европа треба да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства. Покрај ова, методологијата на обработката на податоците треба да обезбеди информации за годишните загуби на национално ниво, како и споредба на бројот на угинати семејства помеѓу 20-те држави учесници во анкетата.

    Можност за придонес кон ова имаат и нашите пчелари, кои веќе неколку години, со одредени прекини, се дел од оваа активност на COLOSS. Координатор и реализатор на овој проект за територијата на Македонија е Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје чија Лабораторија за пчеларство во соработка со Македонското здружение за заштита на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) ги спроведуваат сите неопходни активности за успешна реализација на анкетните прашалници.

    По реализирањето на прашалниците и обработката на податоците, резултатите ќе бидат јавно објавени и достапни за сите на веб страната на COLOSS.

    Прашалникот можете да го пополните со кликање овде.

    Извор: macbee.org

  • Проширување на плодиштето, додавање  второ тело, прва ротација со додавање на сатни основи

    Проширување на плодиштето, додавање второ тело, прва ротација со додавање на сатни основи

    [dropcap]М[/dropcap]есецот aприл е многу битен за нас пчеларите, овошките цветаат…

     

    И ливадите почнуваат да ја покажуваат својата убавина…

      

    Но за нас пчеларите најбитно е цветањето на јаболката…

      

    што претставува многу битен показател за јачината на пчелните семејства и време кога треба да ги извршиме неопходните работи во пчеларникот, а тоа е додавање второ тело или ротација на телата со премостување на рамки и додавање на сатни основи.

    Јас наведените работи ги работам на следниот начин:
    – Главен услов за пчелните семејства да ја искористат главната паша е во приодот на цветањето на јаболката да имаат 8-9 рамки со легло и 10 запоседнати улици со пчели, што претставува мерило дека пчелните семејствата ќе ја искористат главната паша, затоа почнувам со работа и проверувам визуелно…

     

     гледам дека на пчелното семејство и крајните рамки му се исполнети со пчели.

    – Го проверувам условот со јачината на легло во овој период (цветањето на јаболка), односно вршам проверка на јачината со легло, ги подигам само претпоследните рамки…

    и проверувам дека се со легло. Останатите рамки во средина не ги проверувам, бидејки се знае дека се со легло, а со цел да не го вознемирувам пчелното семејство.

    На сликата подигнатите рамки се со легло…

    со што констатирам дека пчелното семејство е со 8 рамки со легло.

    Условот за проширување на пчелното семејство е исполнет (8 рамки со легло и 10 улици со пчели) и пристапувам кон додавање на второ тело.

    Зeмам од пчелното семејство 2 рамки со легло, по можност да бидат со отворено легло и ги ставам во новото тело, задолжително споени, бидејки има големи температурни варијации во ова време од годината, а со цел и да се задржи компактноста на леглото…

    Од двете страни до рамките со легло, за побрз развој на семејството ставам извлечени кафеави рамки предходно испрскани со сируп во кој има малце повидон јод…

    И ги ставам до рамките со легло…

     

    Потоа следат и сатните основи од двете страни, попрскани со сируп и ги ставам од едната и другата страна…

     

    И така наизменично го пополнувам телото, сатна основа, па извлечена рамка…

     

    со што вкупно ставам 4-5 сатни основи за младите пчели „восочарки“ да се испразнат од восочните кристалчиња.

    Во плодиштето од кај што ги земав рамките за премостување, исклучиво до леглото ставам кафеави рамки, за матицата побрзо да ги запоседне со легло, се разбира претходно испрскани со сируп.

     

     

    Го ставам второто тело…

    На тие пчелни семејства што се на две тела се врши ротација на телата–леглото се спушта на подница и се врши наведената операција на премостување, односно сега е моментот да се извадат црните рамки и на нивно место да се стават сатни основи.
    Значи во наведената операција од многу битно значење е леглото да остане целовито, односно да не се врши негово раздвојување.

    На сликата е прикажано пчелно семејство кое е екстремно во развојот, односно горенаведената операција е изршена на 10-ти април…

    Се гледа дека пчелите се качени горе и правилно се распоредени така што во горното тело (второ тело) има 5 рамки со легло…

     

    …со што се потврдува успешноста на операцијата.

    Фотографии: Марјан Петровски